Мотивот за продавање на душата на ѓаволот во македонската и англиската книжевност – Борис Симоновски

Интересно е како одредени сказни и мотиви (Св. Ѓорѓи и ламјата, Пепелашка, епските јунаци…) можат да се појават во различни книжевни средини од различен социокултурен тип во далечни временски периоди. Во прилог на ова објаснување оди  тврдењето на Блаже Конески во неговиот есеј ,,Совпаѓања”. Тој наведува дека: ,,компаративната литература познава случаи кога без можност за влијание и пренесување, на различни меридијани и во различни времиња се јавуваат аналогни мотиви, слики, поенти. (Конески, 2021:34). Наспроти староста мотивот за продавање на душата на ѓаволот е присутен и во современата култура (The Devil’s Advocate, Black Mirror, Fullmetal Alchemist).

Овој мотив исто е популарен како теорија на заговор за познати личности (Николо Паганини, Џузепе Тартини). Занимливо е што, темата е дел од најстарата бајка во човековата историја насловена ,,Ковачот и ѓаволот” (над 6000 години стара!). Оваа генеза и распространетост на мотивот засведочува за универзалното човеково искуство да посегнува по недостижното (моќ, пари, слава) низ вековите. Мотивот го има во две дела со дидактичка функција за публиката.

Книжевната историчарка Вера Стојчевска-Антиќ (1987) наведува дека ,,мотивот е мошне стар и обработуван во повеќе средновековни книжевности, преку разновидните покуси или подолги текстови. Оттаму преминал како обработуван мотив кај повеќе писатели.” (276). Како примери се наведуваат расказот за робот Еладија од Тиквешкиот Зборник, и слични кичевски и штипски варијанти. (Исто: 266). Стојчевска-Антиќ верува дека ваквите легенди на нашето тло го содржат ,,мошне силно влијанието на разновидните дуалистички источни учења” (Исто: 264). Сиромашниот роб Еладија, разочаран од невозвратената љубов од ќерката на неговиот господар, ќе потпише договор со ѓаволот. Тој му ја подарува душата со цел да го освои нејзиното срце. Ќерката се вљубува во Еладија, и брачниот пар оди да живее во манастир.

Меѓутоа, бидејќи Еладија е слуга на ѓаволот, тој не смее да влегува таму. Поради тоа, сопругата бара прочистување на душата на Еладија, и се моли заедно со црковниот поглавар Василиј Велики за душата на сопругот. На крајот, молитвите ги истеруваат ѓаволите од Еладија, и сопружниците живеат среќно заедно. Крајот ги нагласува морализаторско-дидактичките функции кои ги содржат средновековните македонски раскази.

Сите сме веќе запознаени со ликот на Доктор Фаустус кој бил популаризиран преку авторското перо на германскиот писател Волфганг фон Гете. Но, ликот на Фаустус го доживеал неговиот прв зародиш на драмската сцена, преку англиската трагедија: Трагичната повест за животот и смртта на Доктор Фаустус на Кристофер Марлоу. Фаустус е научник кој на почетокот од драмата се наоѓа во неговата одаја за учење. Тој ја изјаснува неговата разочараност од науките и решава да се занимава со окултното: наука која ќе му ги открие тајните на универзумот.. ,,За елизабетанците, приказната за Јохан Фаустус, што допрела до нив во 1592 година… претставувала идеално отелотворување на средновековните легенди за волшепството и некромантијата” (Кошка-Хот, 1).  Фаустус го потпишува договорот со Мефистофилис (слугата на ѓаволот) со сопствената крв.

Интересно е дека при потпишувањето, крвта на Фаустус се згрутчува; знак за предупредување на Фаустовата судбина, меѓутоа, тој ја занемарува и му ја продава душата на ѓаволот. Наредните 24 години, добива натприродни способности и пристап до сите знаења на светот. Меѓутоа, Фаустус не извршува ништо корисно со нив. Неговите исполнувања се краткотрајни, илузорни, и на крајот е распарчен од ѓаволите.  Кога Фаустус ќе разбере дека смртта се доближува, во очаен обид ќе се сврти на љубовта и ќе ја повика Елена Тројанска за да го обесмрти  преку својот бакнеж.

Елена Тројанска се појавува пред него како дух и исчезнува. ,,Фаустовата желба да ја види Елена Тројанска и нејзиното исполнување од страна на Мефистофилис, е само последен обид да се потиснат фрустрациите и да се заборави неуспехот.” (5). Земајќи го предвид историскиот контекст, Христовски (2021) наведува дека ликот на Фаустус претставува арогантен самоинтелектуалец и  карикатура на ренесансниот лик (186-187). ,,Во условите  на феудализмот, секој поединец, кој се издвојувал од средината по силата на својот разум бил обележан како ѓаволов другар”.

Оттука историската причина за неговото претставување како вештер. (Стојчевска-Антиќ, 1987: 267). Дури и смртта на историскиот Фауст во експлозија во неговата лабораторија, народот ја припишува на ѓаволите. Наспроти македонската варијанта крајот е трагичен, но ја нагласува моралната поука. 

Борис Симоновски

Користена литература: 

Конески, Б. 2021. Светот на  песната и легендата есеи и прилози. Скопје: Сигмапрес.

Кошка-Хот, Р. нема датум. ,,Доктор Фаустус на Кристофер Марло: проблемот на самосознавањето”. Избор од критички текстови (АНГЛИСКА КНИЖЕВНОСТ 1 (ДРАМА)). Скопје: Филолошки факултет ,,Блаже Конески”. 

Стојчевска-Антиќ, В. 1987. Меѓу книжевен текст и фолклор. Скопје: НИО ,,Студентски збор”.

Христовски, Д. 2020. ,,Доктор Фаустус како комичен лик”.  „Како си ми?“

 – петта студентска филолошка конференција (2019). Скопје: Филолошки факултет ,,Блаже Конески”.