Странец – Софија Величковска

Дојде тивко, како светло во темнина,
како чекор што ноќе ме буди,
како сон што судбината негова ми ја нуди,
не го знаев патот негов, ни земјата што го родила,
ниту пак зошто таков белег сум добила.
Странец беше… а очите негови дом ми беа
и водилка, мала чудна фреска
и една голема пародија,
благодет и тажна покривка.
Дар што вселената тивко ми го пратила,
за да научам дека дом е таму
каде што љубовта прва се насмевнува.
Тој дојде оддалеку, од земји што моите мапи
не ги паметат, ниту моите приказни ги споменуваат.
Во неговото чекорење
имаше нешто древно, како да носеше со себе
вистина постара од нас двајца
дека некои луѓе ни се дадени само еднаш,
и тоа е доволно да ја препознаеш смислата на животната истрајност.
Тој ја позна тишината на моето срце
ги прочита моите невидливи рани
како да ги оставил самиот тој, во некој заборавен век.
Странец беше.
А сепак, ме научи дека домот не е место,
туку човекот што останува во тебе,
ти во него,
дури и кога ќе престанат ѕвездите да светат.