Skip to content

Слобода

Што е слобода? Што ти всушност подразбираш под тоа ,,слобода”? А што навистина е слободата?

Дали слобода е да можеш да се смееш иако животот те руши? Да можеш да излезеш надвор и со раширени раце да трчаш по улиците? Слобода ли е да врне и да дозволиш дождот да те наврне без размислување што ќе помислат другите луѓе со чадори во рацете кои се плашат од секоја капка што ќе дојде до нив? Слобода ли е да бидеш свој, да донесуваш свои одлуки? Да си креираш свој живот и да не мислиш што твоите блиски очекуваат од тебе?

Слобода е да не се плашиш од ништо? Слобода е да бидеш со тој што го сакаш? Да одиш на празни места и да ги исполнуваш со живот? Слобода е да го носиш она што сакаш без да помислиш што ќе кажат другите и дали ќе им се допадне?  Да ги облечеш потпетиците што ти се допаѓаат, да го ставиш темниот кармин што ти се допаѓа? Слобода ли е да бидеш свој во овој свет кој сака да те отуѓи?

Ако сè ова е слобода, тогаш дали ти си слободен? Дали можеш да кажеш дека го живееш животот што си го избрал? Дали можеш да кажеш дека си задоволен и дека со полна пареа врвиш во секојдневието? Можеш ли да кажеш дека плачеш, се смееш, чувствуваш, живееш и си слободен? Можеш ли да излезеш на улица со голема самодоверба без да помислиш што другите ќе мислат за тебе? Прашај се, дали си слободен?

Ако се насмевнеш на овие зборови, ако ти засветкаат очите, ако во срцето почувствуваш како жарот се разгорува и ако во мислите ти дојдоа некои прекрасни работи, слободен си. Ако си имун на мислењата на другите, слободен си. Иако се разбира под слобода се подразбира и некогаш да не бидеш сигурен, да се двоумиш, да размислиш два пати, да се разочараш. Остани така свој и непроменет од овој суров свет, од овие снегови на злобата и сонце на зависноста. Но, ако ти се стркала една солза по образот, ако срцето крикна во болка, ако душата не ти е задоволна и ако гласовите во твојот ум раѓаат копнеж, тогаш знај дека треба нешто да промениш.

Не, немој да се срамиш од себеси. Од твоите години, од брчките на твоето лице, од твоето тело, од твојата душа, од твоите соништа, од твојот живот, од твоите избори, од твоите чувства. Застани позади она што го сакаш и брани го со сета сила, со сета желба проткаена со страст. Ти вредиш. Ти си доволен, ти му требаш на светот. Ти си роден со причина. Ти можеш да се ослободиш од стегите кои упорно, себично ти диктираат што треба да правиш. Запомни, ова е твој живот и еден ден староста ќе те праша зошто не си го живеел како што ти си сакал. Запомни дека треба да живееш, наместо само да преживуваш.

И на крајот, со целото мое срце, ти посакувам да бидеш слободен.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар