Поминувам покрај тоа добро познато место. Си велам, колку години поминаа од тогаш, а душава сè уште боли. Коските сè уште крцкаат од една болка што сме ја почувствувале години порано. Како е можно таа болка ставена во кожурецот на едно црно-бело минато, да е толку силна, па оставила неизбришливи траги? Што ли е тоа толку силно, па со ниту еден мелем не може да се покрие и да се залечи? Зошто постојано мора да се отвора таа длабока рана?
Детскиот џагор ме тргнува од мислите. Ох, тоа место каде години претходно ние бевме среќни, сега беше исполнето со некои непознати луѓе. Посакувам да знаеја на какви спомени газат. Посакувам да можеа да слушнат што им шепоти воздухот. Додека студенилото навлегува во коските, јас го чувствувам стравот. Застанувам пред прагот, како ранета птица која дошла да се одмори на истото место каде некогаш била ранета. Ми се тресат колената исто како првиот ден кога и јас бев таму. Целата треперам, исто како секунди пред да те прегрнам.
Одеднаш меѓу целиот детски џагор, те гледам тебе. Застанувам за миг и се насмевнувам со солзи во очите. Не може ова да е реалност, си помислувам. Ти одамна замина. Се спушти завесата од спомени пред моите очи. Ти како креација на умот, се појави од зад аголот. Доаѓаш кон мене, насмеан, со сјај во очите. Ох, срцево го наоѓа својот мир. Подголтнувам. Студот повеќе не го чувствувам. Спомените во целост ме конзумираат.
Топлината е точно тука, во душата. Ја ставам раката на градите додека се трудам да не испуштам ниту една солза. Бидејќи ветив. Ѝ ветив на сегашноста дека нема да ронам повеќе солзи за минатото. Но како да не плачам, кога ти сè уште доаѓаш кон мене. Полека чекор по чекор, се движиш низ таа магла од едно црно-бело минато. Ги испружам рацете со голема надеж дека ќе те дофатам. Ги затворам очите во исчекување дека ќе бидеш во мојата прегратка. Посакувам сето тоа да беше еден сон и да се разбудам точно во годините кога бевме среќни.
Животот повторно ја покажува својата суровост. Се затекнувам себеси како стојам во тоа студено демевриско попладне замислувајќи те тебе на места каде некогаш навистина си постоел.Ја протресувам главата. Сето тоа не е вистина. Тоа е имагинација. Децата продолжуваат да џагорат. Ветертот се засилува. Но, некој глас ми шепоти дека ти сепак си тука некаде. Како ветерот намерно да го носи твојот мирис до мене. Како со плачење да ме набљудуваш скриен позади некој агол. Полека тие гласови ме залажуваат и повторно мислам дека си тука. Тврдоглаво рагзледувам наоколу, трудејќи се да ги избришам солзите. Ми го замаглуваат погледот, си велам. Но, тој е тука, ќе го најдам.
Дали беше навистина таму?
Сè е пред моите очи, сè се прикажува како на прожектор. Сцените течат една по друга, а јас полека се исклучувам од сегашниот миг. Дојде до судир на реалноста и имагинацијата, судир на минатото и сегашноста кој резултираше со длабок очај.
Никогаш, никогаш веќе минатото нема да се повтори. Тоа црно-бело минато, колку и месеци, колку и години да поминат, нема да се обои во поживи бои.
Го пуштам. Нека оди. Нека го однесат овие сурови ветришта, нека снегот ги затрупа спомените, не ми требаат. А јас со брзи чекори бегам од спомените кои до пред некој миг ги земав во прегратка и се оддалечувам од дворот. Им ги оставам спомените на тоа место, на тие непознати луѓе, да ги чуваат со сета своја сила. Ги оставам сенките од минатото. Нека бидат запишани барем во просторот околу нас. Нека Бог, јас и ти знаеме дека сепак постојат спомени и едно минато поживо од било која сегашност.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.