Не сум мотивациски говорник, но во овој текст можеби ќе звучам така. Најверојатно не сум некој важен фактор во вашиот живот како што се вашите најблиски и тие што ве познаваат најдобро. Но, ќе ве замолам да ми верувате во ова што ќе ви го кажам од прв до последен збор. Со тоа ќе си направите услуга себеси, апотоа не е важно дали ќе продолжите да ми верувате. Најважно ќе биде најмногу да верувате во себе! Зошто ви го велам ова? Бидејќи вие сами се познавате најдобро, си ги знаете најголемите слабости и доблести. Си ги знаете грешките што сте ги направиле. Дека тие грешки се лично ваши кои би требало да ги претворите во лекции.
Животни ситуации и достигнувања
Успесите се лични достигнувања што ве однеле еден чекор понатаму во вашиот живот или барем онаму каде што сметате дека треба да бидете. Токму вие сте тие кои одлучуваат во што ќе веруваат. Многупати во животот ќе се најдете во ситуација кога самодовербата и вербата во сопствение способности ви се разнишани. Некогаш може да помислите дека ви е дојдено преку глава од сè. Некогаш ќе се разочарате од себе и од другите, ќе посакате некои работи никогаш да не се случеле и списокот со вакви набројувања може да биде предолг.
Во што се состои „трикот“? Секогаш кога ќе бидете во некоја од овие „ментални“ размисли, кога ќе ве нападнат негативните мисли од никаде или можеби со причина потсетете се на три работи. Едната е дека не сте сами и дека уште многумина се наоѓаат во иста или слична ситуација како вас. Втората е дека ништо не е трајно па што и да ви се случува не е вечно – значи ќе помине. И третата работа е дека секогаш постои опција да побарате помош проследено со мислата дека животот си оди по својот тек и мора да ги прифатите работите какви што се.
Прифаќањето како важен аспект во секојдневието
Прифаќањето е многу важен аспект за оние работи што не можеме да ги промениме, а уште поважна е нашата реакција кон она што ни се случува во моментот. Секогаш сме во можност да направиме избор како ќе реагираме во зададена ситуација. Дали тоа ќе биде импулсивно и без размислување, дали ќе бидеме рационални или ќе дозволиме емотивниот набој да преовладува во нашето однесување или ќе комбинираме зависи лично од нас самите.
Не е важно ако некој превртува со очи додека ги чита овие редови поради тоа што не може да ги прифати како вистинити моите зборови или поради тоа што можеби има поразличен став од мојот. Навистина не ми е грижа сè додека постојат такви како вас кои знаат за што зборувам и се пронаоѓаат речиси во секоја мисла. Бидејќи тие се познаваат доволно за да проценат дали и колку ќе се согласат со нечие туѓо гледиште. Впрочем, ако во овој момент ја изгубиш желбата да го прочиташ остатокот од моево „излагање“ тогаш те замолувам да се обидеш да ја пронајдеш вистината во себе.
Сега штом го читаш ова ти честитам, успешно го помина „тестот“ за упорност и покажа дека во себе имаш љубопитност која треба да биде задоволена. Тоа значи дека имаш трпение, но и желба да слушнеш (во случајов да прочиташ) нечие мислење.
Ова не е проповедање туку искажување мислење
Каде застанавме? Застанавме кај нашата лична одлука и избор за реагирање во одредена ситуација и за ставот кон настаните што ни се случуваат. Нема да ви кажам нешто што веќе не го знаете или што не е досега измислено, ниту да ви „откријам“ некои досега неискажани тајни, а не ми е намера ниту да „проповедам“. Иако дел од овој монолог може да звучи како проповедање, сепак подраго ми е да го наречам „излагање„ и „споделување на мислење/гледиште“. Ако ми верувавте досега, продолжете да го правите тоа и понатаму затоа што жива вистина е дека ова што го пишувам овде си го „порачувам“ и на себе.
Се трудам да се држам до она што го препорачувам/изјавувам. Вербата е моќна „алатка“ со чијашто помош го градите сопствениот систем на верувања. Исто така таа е многу важна и во меѓучовечките односи, не само кога е насочена кон себе значи и кога ја насочуваме и поклонуваме на другите. Оние што веруваат во себе може да им делува претерано самоуверено и самозадоволно на другите, а таквите луѓе и се доживуваат како нарциси. Нема ништо лошо ако поединецот е свесен за своите квалитети, способности и доблести, сè додека знае за самокритика и си ги признава грешките и не се става себеси како центар на светот. Знаете, светот не се врти околу никого, а од нас никој не е совршен. Ова ми беше водечката мисла кога почнав да ја пишувам колумнава.
Се познавам себеси доволно (иако сметам дека имам уште многу за запознавање) и знам дека никогаш нема да бидам совршена. Но тоа не ме спречува да го „ширам“ позитивниот збор и да се обидам да „мотивирам“ барем еден од вас.
Во што би се состоела таа мотивација во конкретниов случај?
Ве поттикнувам да верувате во себе ако сакате да постигнете успех во било кое поле. Запознајте се себеси најдобро бидејќи никој не може да ве познава подобро. Признајте ги слабостите и грешките, но бидете целосно искрени кон себе. Која е поентата во самозалажувањето? Кого лажеме во тој случај освен самите? За поимот „вер(б)а“ може уште многу да се зборува, сите го знаеме негово општо, но и религиско значење. Овде нема да се занимавам со религија и верски убедувања зошто комплетно би се утнала поентата на текстов.
Сакам да ве мотивирам да ја разбудите вер(б)ата во себе и да ја негувате и развивате колку што можете повеќе.
Со сопствените мисли и убедувања сме постојано окружени и од нив не можеме да побегнеме, па токму поради тоа треба да знаеме да ги насочиме правилно. Потребни ни се позитивни, охрабрувачки и мотивациски мисли со кои ќе се „вооружиме“ за да не им оставиме простор на негативните да дојдат на пиедесталот.
Вие станувате она коешто верувате дека сте
Вие сте она во коешто верувате и станувате она во коешто верувате дека ќе станете само ако работите кон остварување на вашето уверување. Не ми е воопшто битно колку е клише овој муабет зошто сум убедена во неговото значење и вистинитост. И би сакала никогаш да не престане да биде здодевно споделувањето на ваквите мисли оти не знаеме до кого ќе допрат и кому ќе помогнат. Ако ништо друго барем ќе се потсетиме на она што го носиме во нас и ни е важно речиси исто колку пиењето вода. Несигурноста и ниската самодоверба нема да ве одведат никаде, тие се само една попатна „пречка“ што ви го саботира патот до успехот. Моќни сте онолку колку што мислите дека сте и толку колку што верувате во себе.
Не е важно колкумина веруваат во вас (иако и таквата поддршка е значајна) најважна е вашата верба. Не е воопшто важно туѓото мислење за вас бидејќи никогаш нема да биде поважно од она што вие го мислите за себе. Затоа, помалку вер(б)а во лажни идеали или очекувања од другите, најмалку верба во останатите, а најмногу во себе! Нема да генерализирам и да речам дека луѓето лажат т.е. дека се неискрени, но накрај излегува дека тие што лажат се лажат самите.
Вистината секогаш испливува на површина на ваков или онаков начин, порано или подоцна. Вербата во себе е тивка, не привлекува внимание и работи во ваша полза. Негувајте и зголемувајте ја, а кога еднаш ќе ја дефинирате заштитете ја и не дозволувајте никогаш да ја изгубите. На здравје паузирање! До следно!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.