Успеав да посадам душа онаму каде што ја нема. Успеав со зборови да променам нешто, успеав со емоции и чувства да докажам дека љубовта постои и онаму каде зимата владее подолго време. Се гордеам бидејќи во еден студен човек, јас успеав да посадам срце.
Успешно почна да чука на сечија среќа и да испумпува крв во твоето тело, кое беше веќе одамна заледено од мразулците на омрзата. Успеа таа крв исполнета со љубов, да навлезе во секоја пора на твоето тело. После толку години, јас успеав да го оживеам човекот во тебе. Ти почна да чувствуваш. Бидејќи јас не те познавав. Јас не го познавав тој човек кој одеднаш ги исече сите релации со љубовта. Оној човек кој беше на работ да си замине од своето тело, оној човек кој во секој атом на животот гледаше грст омраза и злоба.
Успеав да посадам душа, која сега те боли кога некој ќе те повреди. Можеби ова беше мојата најголема одмазда кон тебе? Којзнае. Можеби вечно ќе ме паметиш по тоа што те ,,оживеав”. Успеав да те убедам дека вреди да се бориш за она што го сакаш. Успеав да те убедам дека може да се стопи оваа омраза, само треба малку љубов. Бидејќи ти ја презираше љубовта. Ох, ги затвораше ушите кога некој ќе споменеше за чувства. Ти, самиот, со свои раце, пред мои очи успеа да си ја извадиш душата само за да докажеш каков човек си, во мигови кога пеколно беше лут и повреден. Но, помниш ли? Јас те прегрнав. Ги собрав парчињата од твоето скршено срце, од твојата изневерена душа и од нив направив едно ремек дело. Како нови ги вградив во твоето тело и види сега. Сега си човек.
Ги видов модринките на твоето битие од ударите на животот и им ставив од облогите на надежта. Тие совршено можат да залечат секаква повреда. Ги видов твоите солзи и затоа ти помогнав да станат солзи радосници. Те видов како се бориш во рингот со тие пеколни непријатели и затоа ти пуштив магија во воздухот. За да бидеш победник и покрај тоа што знаев колку си изморен.
Се гордеам бидејќи посадив душа онаму каде што ја немаше. Посадив љубов на места полни со омраза, нацртав сонца на надежта и ја извлеков злобата од една душа.
Се каеш ли сега што ме повреди, а јас те залечив? Се каеш ли што посадив срце, а ти го украде од мене? Се каеш ли што предизивка солзи кај оној кој најмногу те сакаше? И сега, сега заминувам оставајќи те во сенката на минатото.
И сега кога заминувам од тебе, се прашувам по што ќе ме паметиш?
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.