Епохова во која живееме, овој пустош кој не загушува, оваа надворешна загаденост која резултира и со внатрешна (духовна) заденост и со деградација на човечката раса за која за жал стануваме сведоци влече корени од минатите векови.
Т.С. Елиот, еден од најголемите поети на 20 век, во неговите поеми ги прикажува тие изгубени културни вредности и клишеа кои се наоѓаат на едно огромно буниште смет, еден ре-циклаж на сѐ она што останало од минатото и кое мора да се ревидираат. Бесмртноста и Нобеловата награда за литература во 1948 година ги добива пред се за поемите. : „Љубовната песна на Џ. Алфред Пруфрок“, „Пуста земја“ и „Шупливи луѓе“.
Овие поеми стануваат темелник на модерната литература пред се заради нивната структурна комплексност и иновативност.
„Шупливи луѓе“ ја пишува во 1925 година. За критичарот Едмунд Вилсон, таму уште повеќе се надѕира фазата на очај и пустош кои се веќе ефикасно изразени во „Пуста земја“. Таа е најзнајчајната песна на Елиот од доцните 1920-ти. Слично на другите дела на Елиот, нејзините теми се преклопуваат и се фрагментираат. Повоената Европа креирана според Версајскиот договор (Елиот го презира овој договор), изгубената надеж кај човештвото, неговиот пропаднат брак како и прифаќањето на англиканизмот како религија се јасно изразени во оваа песна. Таа се појавува како ехо на современата англиска митологија со митовите за Гај Фокс и неговиот неуспешен „Барутен заговор“ и колонијалните митови на Џозеф Конрад со што тој останува да биде доследен во неговиот митолошки метод на пишување на уметност. Елиот цврсто верува дека еден поет треба да пишува во полза на своите интереси и остро ги критикува романтичарите верувајќи дела поезијата не треба да биде ослобудување на емоција туку „бегство од емоција“.
Неговата визионерска способоност да ја прикажи оваа културна и историска ништожност која ни се случува, според мене е најдиректно и наједноставен начин прикажана во неговата поема „Шупливи луѓе“.
Во поемaта, светот кој не го прикажува не е свет на „мртвите“ , туку е само приказ на жалната состојба на европската култура после Првата светска војна, која за жал многу наликува на денешната. За говорникот на песната, ужасите на војната ја втурнаа Европа во длабок очај – толку длабок што самата европска култура станува само едно безлично бездуховно ништавило.
Овие шупливи луѓе не се способни да преземат никаква реална акција, нивните гласови се тивки, нивниот говор нема никакво значење, како да ја изгубиле својата човечност. Овие луѓе не се толку опасни колку што се заразни, тие го шират својот очај насекаде и таа чума почнува да се пренесува од човек на човек.
Тие се молат на еден скршен камен, односно обожаваат лажни идоли. Иако се толку неспособни, но имаат големо влијание врз светот околу нив и околината во која живеат почнува да наликува на нив, па така живеат во пустелија каде виреат само кактуси.
Песнава денес мора да ни стане некаков потсетник за тоа дека духовноста е она што му недостига на денешниот човек, мораме да станеме почовечни, затоа што без нашата човечност ќе се изгубиме самите себе си. Мора повторно да ја најдеме вербата во Бога која сме ја изгубиле иако за авторот битката за нашето човешто е веќе изгубена.
Видео рециталот на поемата има на следниов линк:
Рецитал на поемата „Шупливи луѓе“
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.