,,Ох, секако дека помнам”, реков. Ја зедов чашката и ставив малку од пијалокот. Болеше. Многу болеше тој миг кога тишината ме гушеше од сите страни и мислев на нашите љубовни спомени. Ја доближив чашата до усните и горко се насмевнав. Како би можела да не се сеќавам на сето тоа? На целата таа љубов што уште од првиот ден знаев дека беше грешка. Но, сепак очајно ја посакував. Многу. Со најголемата страст со која еден човек може да посакува друг.
Повторно се насмевнав. Се обидувам да не заплачам, се обидувам да бидам силна, да не се предадам барем овој пат. Спроти мене беше седната таа, таа дама обвиена во црно-бела креација и ме слушаше.
,,Ако сакаш и на тебе ќе ти ставам, помалку горчи од спомените, верувај”, реков и пак се насмевнав. Се смеев за да не ми плачат очиве. Се насмевнував за да го запрам крварењето на срцето, но сè беше попусто. Таа никогаш не ме оставаше на мир, впрочем секогаш и била со мене. Ах, таа болка, таа дама која не прашува дали може да влезе, туку едноставно влегува во твојот живот, па така ти прави друштво за да не си сам во доцните часови.
Срцето ми крвари и оваа ноќ. Секоја клетка моли за помош.
,,Бог ми е сведок дека вистински сакав, дека дадов сè за таа љубов”, реков и ги свив колената.
И што добив за возврат? Оваа дама седната спроти мене, што загадочно ме набљудува.
,,Да, тоа беа нашите почетоци”, велам. Прекрасни, исполнети со насмевки, безгрижни”. Правам пауза. Подголтнувам. Бидејќи боли. Не можам да кажам за нас во еден здив. Ќе заплачам.
Продолжувам: ,,Со него секој ден беше убав, драга, но сега што да кажам? Боли кога некој е сè уште жив, а сепак си го загубил засекогаш, она кога си го закопал во спомени, во едно минато, во една црна јама во твојата душа”.
Е тука не можев повеќе да издржам. Ја оставив чашката на масата и ги ставив дланките врз лицето. Се обидувам да го задушам липањето. Се обидувам да ја убијам љубовта во мене, но така сè повеќе се убивав себеси.
Зошто се прашувам, зошто не можеме да се смееме повеќе пати едноподруго на еден обичен виц, а можеме повеќе пати да заплачеме за една иста работа?
,,Ништо не заборавам”, повторувам низ солзи. ,,И нашиот крај го паметам. Паметам кога за последен пат го прегрнав. Но, знаеш што ме боли најмногу? Барем да знаев дека е последен, посилно ќе го прегрнев”, реков и си дозволив на себеси по не знам кој пат, повторно да ја оплакувам мојата љубов кон тој човек.
Сè друго е минливо, но првата и последната средба, дефинитивно се паметат засекогаш, а срцето по нив крвари без да застане. Времето минува, но љубовта никогаш не избледува. Душата плаче без пардон, а ти сепак ја бараш љубовта, молиш и преколнуваш да се врати едно минато. Убедливо ставаш голем залог, но ништо. Губиш и губиш и сфаќаш дека не ти останало ништо од таа љубов, освен оваа болка седната спроти тебе, која те слуша во тие темнини, додека ти ѝ ги презентираш и најтемните агли од твоето срце, кога градот спие, а ти крвариш.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.