,,Не, никогаш нема да те разберам”, велам. ,,Како еден човек кој вистински сакал, може наеднаш да заборави сѐ? Како можеш да ги закопаш сите спомени, сѐ што те направило среќен и да си заминеш туку така? Зарем тој човек има душа, има ли срце?” вџашено прашувам гледајќи во него. Стои пред мене похаризматичен од било кога. Во таа сива јакна, со цигарата во едната рака и запалката во друга. Се насмевнува и не го трга погледот од подот за да не ги видам солзите. Се труди да ја прикрие љубовта, ги тера усните лаги да кажат, но очите го издаваа. Човекот што надеж ставаше во секој нов ден, сега надежта ја земаше.
Јас овој човек не го познавав. Погледот му се сменил, боже. Се променил. Не оставил ништо во него од човекот што јас го сакав. Само пепел од спомени останала и една блескава болка во аголот на неговите зеници.
,,Каде замина човекот што го сакав? Што му направи? Со која цигара по ред успеа да го убиеш?” прашувам и се доближувам до него, доволно за воздишките да ни се испреплетат, а усните да затреперат.
,,Тој замина со минатото. И ти мораш да заборавиш. Ако сакаш да преживееш, мораш”, рече и ја запали цигарата. ,,Како инаку планираш да живееш со тој товар на твоите плеќи? Зарем мислиш дека можеш да се носиш со неговата тежина целиот свој живот?” рече гестикулирајќи со рацете и зеде еден дим.
Се замислив. Навистина. Како можам да се носам со тој товар?
,,Ти заслужуваш подoбро” продолжи. ,,Не заслужуваш ваков ,,идиот” како мене. Зарем виде нешто друго освен болка од мојава душа? Зарем не се засити од лаги?”
Душава почна да вришти од болка. ,,Ти љубов ми даде”. Гласот ми трепереше. Потонавме во тишината што се издигаше околу нас. Сега бевме само двајца странци, кои многу добро се познаваат.
Тој подголтна и повторно зеде дим од цигарата. ,,Јас, секако дека те сакам…”, рече и воздивна. ,,Но морам да те закопам во минатото”.
Се воздржуваше да не заплаче. Тоа беше последната реченица. Секоја наредна воздишка како нож се зариваше во неговите плеќи. Секој нареден збор како да правеше рани на неговото битие, во секој нареден дим беше запишан нашиот пад.
Повторно ме погледна и се насмевна. Неговите очи со боја на сафир засветкаа. Го знам нивниот сјај, јас ги познавам сите тајни на душата што се кријат зад тие зеници. Љубов видов и болка видов. Сѐ што требаше да знам тој ми го кажа со поглед. А ме сакаше и го сакав.
,,Знам дека ќе боли”, рече по кратка пауза. ,,Но, запали го минатото, нека гори, и замини си”.
,,Запали го минатото и замини си”
Сѐ уште го гледам како да е пред мене, а години поминаа. Се сеќавам на тој ден кој со болка зрачи. Но јас заминав. Го запалив минатото и заминав, токму како што тој сакаше. И не. Не беше воопшто лесно. Корените на љубовта никогаш не ги исеков. Да, сега полесно дишам, но заборавам дека секој нареден здив е посветен на него. Болна тишина.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.