Сонцето силно светнало,
свети мислиш од злато е направено.
Ме буди од сон, очи отварам,
топлина ме обвива, ми ја грее душава.
Убаво е. Пролет е.
Птиците нова песна запеале,
пеат мислиш во хор се собрале.
Ме повикуваат на прозорот, станувам,
насмевка се појавува, да пеам посакувам. Убаво е. Пролет е.
Цветови во градина никнале,
шаренеат мислиш виножитото направиле.
Мирисот ме мами во дворот, излегувам,
убавина пред очи, срце ми се полни
Убаво е. Пролет е.
На улица деца излегле,
играат мислиш нова игра смислиле.
Детски џагор слушам, продолжувам,
најубави години, ми доаѓаат спомени.
Убаво е. Пролет е.
На клупата во паркот двајца заљубени,
се гледаат мислиш светот не постои.
Наша клупа е таа, застанувам
и наше годишно време, а ти не си до мене.
Но сепак… Убаво е. Пролет е.