И во минатото има минато велат. И секако дека еден ден ќе дојде крајот на едно време. Секако дека ќе се најдеме на перонот каде минатото се двои од иднината. И кога веќе еднаш ќе се качиш во возот што те носи во некои нови земји, кој ќе ти покаже некои други патишта, ти сепак ќе копнееш по минатото, бидејќи тоа е она на кое ти затреперило срцето. Кога ќе пристигнеш на перонот за миг ќе затрепериш на студенилото. Ќе почувствуваш грч во телото. За последен пат ќе се завртиш и ќе погледнеш назад, каде ќе видиш некој свој.
Срцето ќе ти плаче, но што би можел да направиш кога враќање таму назад, нема. Ќе земеш длабок здив и ќе се качиш во возот. Ќе видиш многу луѓе во купето, како се разминуваат едни со други. Ќе видиш луѓе со рани на нивните срца, но насмевки на лицата, како си ги местат куферите до седиштата. Ќе видиш како се поздравуваат едни со други, ќе помислиш како е можно да се толку среќни кога го напуштаат сето она што до вчера ги радувало. Но ако погледнеш подобро, ќе видиш многу неисплакани солзи под тие насмевки.
Ќе видиш безброј крвави рани, неискажани зборови и обид за бегство. Ќе видиш грст од болка што дури и твоето срце ќе се исплаши. Ќе посакаш да знаеш како им е на тие луѓе на кои очите им светакаат, а лажниот сјај се солзите. Ќе посакаш да знаеш колку на еден човек може душата да му гори, а тој сепак да чекори во иднината. Ќе се разминеш со сите нив и уште ќе бидеш вчудовиден. Всушност во таа гужва има само едни потиштени луѓе, на кои душите им вриштат, но сето тоа го маскираат со културата и желбата за некој нов, непознат почеток.
И тебе ќе ти вришти душата повеќе од она што мислиш бидејќи тој воз на почетокот е многу меланхоличен, без емоции, без љубов во него. Како да си меѓу луѓе-духови што сè свое оставиле таму некаде во нивното минато, та сега тргнале вака ,,бездушни” во некој нов живот. Ќе седнеш блиску до прозорецот и ќе го спуштиш куферот до тебе. Ќе погледнеш низ стаклото и ќе ја слушнеш сирената која ќе те освести дека ти сепак заминуваш.
Ќе се склопчиш на малиот кревет и нема да сакаш ниту збор да проговориш. Душата ќе зборува, а ти ќе слушаш. Кога ќе гледаш како возот сè повеќе ги коси шините, како се одалечува од неговата точка на поаѓање, ќе направиш една реанимација на твојот живот. Ќе ти стане кристално јасно од што бегаш и на што се надеваш. Тогаш внимавај да не се скршиш уште повеќе. Можеби и ќе пуштиш солза-две, а можеби и ќе плачеш посилно од било кога, бидејќи солзите се прифаќаат кога станува збор за збогување. Од левата страна, додека ти плачеш, ќе ти се доближи едно мало момченце со виолина во испуканите дланки. Ќе ти побара неколку парички, а за возврат ќе ти ја отсвири најтажната мелодија на твојот живот.
,,Нека плаче срцето за последен пат што мора да ги напушти ливадите на познатото и да се впушти во трњето на непознатото” А ќе престане токму тогаш кога возот ќе пристигне на другиот перон. Онаму каде што ти ќе се симнеш на една нова, непозната станица. И кога ќе стапнеш на тоа тло, можеби нема да се каеш затоа што си го напуштил минатото. Но дефинитивно во аголот на твојата душа ќе го носиш сè е она од кое си заминал. И никогаш нема да имаш храброст да го оставиш таму каде што припаѓа. Тоа е цената која мораш да ја платиш.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.