,,Се потрудив навистина”, рече и надежно погледна во мене како да очекуваше јас да го спасам од големата болка.
,,Можеш ли да ми кажеш кој беше ти пред да ти го скршат срцето?” прашав.
Веќе во неговиот поглед се забележуваше голема разочараност. Неговите сини очи знаеја разговори да водат, без тој ниту збор да изусти. А јас знаев да ги разбирам. Шмркна еднаш и ја наведна главата.
,,Бев среќен човек”, рече и тивко заплака. ,,Сега и ти мене ќе се сметаш за слабак”, продолжи и ја заврти главата настрана.
Ох, боже, си помислив. Како можев тој човек да го сметам за слабак?
,,Зарем е можно тоа? Човекот којшто плаче е многу силен. Ти иако плачеш си најсилниот човек во овој миг. Ти си херојот на својот живот”, реков и го прегрнав.
Почувствував како тој се крши во моите прегратки. Човек за кого ќе помислиш дека ништо не може да допре, всушност беше најчувствителен. Беше ранлив и доста скршен од животот.
,,Јас не можам да го вратам назад времето, но можам да те прегрнам”, реков. ,,Тоа е еквивалентно со помош понекогаш”, благо се насмевнав и го погалив по образот по кој се тркалаа сè повеќе солзи.
Успеав да ја видам благодарноста во неговите очи. Трогателна и очајна. Како зениците да вриштеа дека му треба помош. Неговиот поглед беше полн со солзи, очаен, разочаран до крајни граници. Но сè уште имаше нешто специјално и силно во нив. Еден жар, кој знаев дека ќе го искористи. Имаше борбеност, која сè уште немаше искочено на виделина.
Додека го држев во прегратки, сфатив дека ниту еден лек не може да ти помогне, не може да ти го зацели срцето ако веќе ти е скршено. Ниту еден лек за заспивање нема да ти помогне да не го сонуваш оној кој си го загубил, оној кој заминал. Ниту еден лек против болка нема да ја намали болката на душата, ниту еден лек за смирување нема да го смири ритамот на твоето срце кога ќе се сети на минатото, на едни очи, една насмевка, една прегратка. Сè е попусто. Не може ништо да ти помогне, ако ти самиот на себеси не си помогнеш.
,,Јас само ти помагам, но не можам да те спасам. Ти треба да се спасиш себеси”, реков и ја стегнав неговата дланка во знак на поддршка. Не беше сам. Никој кој е во таква ситуација не е сам, само треба да се издржи сето тоа и посилни да се вратиме во рингот на животот. Бидејќи човекот во себе крие неверојатна сила, верувајте. Мораме да бидеме хероите на својот живот. Херои за самите себеси.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.