Колку е убаво чувството кога човек ќе се потсети на спомени од своите најблиски во минатото. Имено, почесто се сеќавам на спомените од мојата баба Лубика и дедо Даме, кои премногу ги сакав, а и тие мене многу ме сакаа. Добродушни, весели, насмеани и секогаш спремни за разговор. Ми раскажуваа случки за нивното минато, а најмногу за нивната младешка љубов. Во тоа време, вели дедо ми:
– Љубовта не беше како кај денешниве млади, секојдневно заедно.
Тогаш средба во недела или во празник на средсело, еден поглед и едно намигнување, раскажуваше, смеејќи се. Седнати во дворот како во цветна градина, прав Божји рај.
Баба ми, сакаше најразновидни цвеќиња и со љубов ги одгледуваше.
Во непосредна близина беше и нивната градина, со насадени многу градинарски култури , за домашни потреби. Насадени јаболкници, круши, сливи и други овошки за ладовина преку лето, ама и за род на есен.
Чудна и многу вредна беше мојата баба Лубика, која не знаеше да седи, само нешто работеше, а дедо ми ја гледаше и ми раскажуваше поднасмевнат, како сега да го гледам за нивната забранета љубов, од страна на нејзините родители.
Тие не сакале да ја дадат за дедо Даме, бидејќи потекнувал од сиромашно семејство. Но, ние двајцата се сакавме, раскажуваше дедо ми и размислував и кроев план како да си ја земам Лубика за невеста.
Беше голема селска слава во Кореница – Прилепско, свети ” Никола “- летен, месец јуни, летно убаво сончево и топло време.
Присутни гости од секаде, убави моми, џагор, врева, детски глас, песни, ора,
зурли тапани среќни, весели и расположени луѓе, излегле на средсело. Тука беше и Лубика, вели дедо ми. Најубава мома беше од сите присутни моми. Зрачеше од убавина, дотерана во кошула навезана, долга до колена со ракави кратки исто така навезани со монистра украсени, носеше саја до колкови преубав вез како и кошулата. На главата имаше тулбен бел како снег, со пулејки и реси на краевите, врзана диндале, бела црвена, за мерак, срцето ми правеше “клик”. Ја гледам и во себе си велам:
– Лубико, моме убаво, јас морам да те грабам, да ми бидеш мoја невеста.
Квечерината, кога сите се враќаа дома, дедо ми решил да ја пречека кај училиштето и да ја праша:
– Дали навистина го сака, а тој неизмерно ја сака и веќе е спремен да ја земи бегалка. Таа ми го отвори срцето и ми кажа страмежливо “ДА” и таа сака да бега за него, оти знаеш Даме, не ме даваат за тебе, дека си сиромав. Дедо ми го слушам , а тој ми раскажува:
– И реков на баба ти, Лубико, јас сум богат во срцето и душата, ние имаме заедничка љубов ќе работиме и ќе спечалиме, ќе бидиме богато семејство во иднина, ќе имаме многу дечиња, само здрави и живи да ни бидат. Се договоривме, вечерта во среда, да ни биде со среќа, да ја чекам повторно на истото место. Од тука ќе те носам кај моите, кои многу те сакаат за снаа. Смислено, сторено, успешно, завршено. Баба ти Лубика, си ја зедов вечерта за невеста. Нивната забранета љубов беше крунисана со шест синови и две ќерки, многу лични дечиња, ама и двајцата беа убави, млади како роса. Работевме двајцата заедно со децата, станавме побогати од нејзините. Нашите деца пораснаа, станаа возрасни, се удомија, си оформија свои семејства, кои во иднина ни донесоа на свет, многу дедови и бабини мили внучиња. ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ ЗАБРАНУВА ЉУБОВТА? ДАЛИ ИМА НЕШТО ПОЈАКО ОД ЉУБОВТА?
Благица Бунтеска