Според Конески, поетот не создава од ништо (ex nihilo). Она што го прави поетот – поет, тоа е особениот усет за речевната дејност на колективот, така што крајниот продукт, односно песната, е плод на комплициран процес во кој учествуваат наведените три фактора: традицијата, колективот и авторот. Имено, во настанувањето (откривањето) на песната поетот нужно се служи со веќе постојниот јазичен материјал на традицијата и колективот, што го црпи не само од пишаниот збор туку и од секидневната говорна стихија. Оттука, песната се открива благодарејќи на осетливиот слух на големите поети.
Песната се открива и со помош на претходните песни. Песната се открива и како плод на духот и атмосферата на времето, односно, во својот културен и книжевен контекст. Со други зборови, секоја песна има свое време и свој поет, а тоа најдобро се гледа од констатацијата на Конески: „Јас сум свесен дека денеска не можам да напишам еден текст како ’Тешкото‘, иако сега ја владеам поетската вештина секако повеќе отколку во 1946 година.“ Најлапидарните аманети за процесот на раѓањето на проста и строга македонска песна Конески ни ги оставил токму во своите куси песни.
Само со неколку стихови тој сугерира дека создавањето (откривањето) на песната е природен, спонтан чин. Со своето дело, Конески извршил широко влијание врз културно-општествената заедница, како во Македонија, така и на просторот на поранешна Југославија и во европски рамки. Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ.
Уживајте во читањето на неговите песни!
Песна
О пеј ми, пеј ми!
Каква песна!
За едно пее
за друго збори:
„Се што си рекол,
се што си сторил,
случајно не е,
простено не е.”
Реки
Ги пуштив реките да течат
дека се матни, дека мислат гласно,
и може негде некому да речат
што не сум знаел да изразам јасно.
Навреди
Кога би можел да ги изумам
трите навреди во мојот живот –
ох колку лесно би живеел тогаш?
Но тие тука се, присутни везден,
но тие живи се – будни и в соне,
и тие низ себе се пречистуваат
со привкус горчливо-тих.
Љубов
Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.
Спомен
Не да те гонам како итра срна,
не како галаба в рака да те земам –
јас ќе те кријам во моево срце
како во гнездо ластовица скрита,
јас ќе те чувам како таен спомен
со ужас дека те заборавам.
Грабеж
Да можев да те грабнам како змев
со силни вилни ветришта и мрак,
па макар колку омразен и грд
и свесен дека пак презрен ќе бидам,
но барем сиот опиен за час
од силата на таков грабеж див.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.