Ја зема цигарата од пепелникот и ја заврти следната страница од фото албумот. Погледот ѝ застана на една фотографија која на десниот агол беше подвиткана. Зема еден дим и со показалецот го погали човекот што се наоѓаше на фотографијата. Стави една болна насмевка на нејзиното бледо лице. ,,Ха, овој е човекот што го сакав”, рече и погледна во мене со солзи во очите. Ги наперчи усните и ги затвори очите кога солзите што до пред малку ги заматуваа нејзините сини очи, сега си го пронајдоа својот пат.
Се прашував како некој тукутака може студено да каже дека тоа на сликата е човекот што го сакал, а притоа најубавите мигови да биле со него. Толку емоции, зарем таа вака во една реченица успеа толку студено и бесчувствително да ги срочи? Ги подигнав веѓите и се доближив до неа. Додека внимателно се трудев да го впијам во себе секој дел од фотографијата една солза капна на неа.
,,Но јас го загубив”, рече и силно го тресна албумот, без никакво дополнително објаснување. Тргна кон каминот и ладнокрвно го фрли албумот во огнот. Таа стоеше до него со цигарата меѓу нејзините долги прсти додека во зениците се отсликуваше каминот и горењето на албумот. Tивко дишеше и земаше по некој дим. Не знам колку долго седеше така. Но знам дека срцето ѝ гореше толку силно, што не можеше да сврзе ниту еден збор за да ја искаже болката. Но зошто некој толку свесно би се повредувал себеси?
Ох, отсекогаш таа девојка за мене била мистерија. Голема мистерија. Таа бура од емоции што непоколебливо уништува сè пред себе. Таа е виножито кое секогаш се појавува во животите на луѓето после бурата која ја предизвикува. Таа е толку ексцентрична, а сепак темна. Во една душа е склопчена и храброста и стравот. Таа знае да ги љуби работите, понекогаш толку силно што нејзината љубов знае и да боли. Има силен вртлог во нејзината личност. Пред мене гледав еден невозможен карактер, незауздана храброст и луда креативност, а сепак беше толку кревка. Беше среќна но исто толку и тажна длабоко во душата. Таа беше контрадикторност.
Толку голема непредвидливост, како оган кој може веднаш да се разбесни ако додадеш збор во непотребниот миг. Бестрашна, а сепак се плаши од сопствена сенка. Не се колеба и му погледнува на минатото во очи иако знае колку многу душата ќе ја боли. Таа секој пат како со свои раце да си ги отвора раните и притоа ја трпи целата таа болка без ниту збор да изусти. Го предизвикуваше животот, но некогаш знаеше да се повлече толку длабоко во себе што можеше да биде пронајдена само ако таа посака. Ако не, засекогаш си ја загубил.
Така и сега додека срцето ѝ гореше таа молчеше, но солзите кои немирно се тркалаа низ нејзините образи успеаја да кажат сè што таа премолче. Откако изгоре и последниот дел од албумот, ја изгасна цигарата во пепелникот. Се навали на перницата и ја потпре главата. Длабоко воздивна. ,,Минатото мора да замине”, прошепоти. Се заврте кон мене како да го насети мојот прашален поглед. ,,Подобро е да не ги љубам работите драга, бидејќи кога и да ги засакам, не знам како со нив, та ги уништувам”, ми рече и ја изгасна и последната светилка во својата душа за таа ноќ.
Викторија Саздовска