Skip to content

Додека дишам, ќе се надевам!

Седејќи сам во тишината на ноќта го слушав паѓањето на дождот кој беше единствениот звук кој ме придружуваше во оваа бессона и немирна ноќ. Несоница повторно ме мачеше. Дали сум само сенка која ќе се изгуби со новото утро или сепак сум само суштество кое живее за да пати? Во главата ми се појавуваа секакви прашања на кои и можев да им најдам одговор, но и не сакав. Сакав само да знам повторно како е да се биде среќен. По нејзиното заминување, како да се поделив на два дела. Едниот дел замина заедно со неа и засекогаш ми го зеде, додека другиот дел е сè уште тука во мене и полека умира. Зедов еден лист хартија и посакав да ги напишам сите позитивни работи поради кои вреди да се живее, дополнително како мотивација посакав да си ги напишам сите мои доблести, а на друг лист почнав да ги пишувам работите кои сакам оваа година да ми се остварат. После долго размислување, сфатив дека од тоа сè што сакам ништо не може да се купи со пари и е поврзано или лично со мене или со некоја личност. Зар тешко е да се биде среќен? Тоа е можеби една од најтешките работи со кои се соочува модерниот човек кој трагајќи по други задоволства заборава да се праша самиот дали од сите работи кои ги прави постои вистинската која го прави исполнет во вистинската смисла на зборот. И тогаш кога и последното дрво во каминот догоре ми светна една идеја. Таа беше во вид на ветување кон себе си дека ќе се потрудам да бидам подобар човек пред сè поради себе, а потоа и поради оние кои ми значат. Знаев дека многу треба да се менувам. Знам и дека еден ден кога ќе станам родител сакам да им бидам достоен пример на своите деца. Да бидам херој, непресушен извор на среќа и мотивација, поддршка и љубов. Ќе биде еден ден, некогаш, со некоја со која ќе ги остварам сите мои желби, а дотогаш ќе работам на себе. За да ја пронајдам вистинската среќа. Не ми треба многу. Само доволно храброст и упорност кои ќе ме доведат до целта. Затоа што и најдолгиот пат започнува со само еден чекор. Ќе чекорам кон она што е мое, кон она што ме исполнува и ме прави жив. Ќе те пронајдам и нема да те пуштам. Додека дишам, ќе се надевам!

download

Напишете коментар