Телото на Лариса се тресеше од мислата дека само за неколку минути треба да се запознае со својата биолошка мајка. Отсекогаш живееше во дом за деца без родители, не знаеше ништо за своето потекло, но уште како дете го почуствува на своја кожа исмевањето на децата од училиштето.
Својата ѕвезда заштитничка ја пронајде во “тетка Виолета“ – управителка во домот, со неа ги делеше деновите и миговите на празнина од топлото огниште, кое за останатите деца со родители беше толку нормално и го земаа здраво за готово. За неа и прегратката на управителката ѝ даваше спокој и утеха. Сепак, и покрај ладните радијатори во зима и делењето на собата со неколку девојки, не ѝ преставуваше проблем учењето и на крајот на годината ја прогласија за ученичка на генерацијата.
Со голема помош на својата заштитничка успеа да замине на студирање во Русија. За кратко време го совлада рускиот јазик и редеше успеси на факултетот, но мирот и го наруши еден телефонски разговор. Пред неколку дена ѝ се јави вистинската мајка со намера да се запознаат и да поминат еден ден заедно. Лариса беше како во бунило и веднаш се јави во Скопје на Виолета, која ѝ потврди дека таа жена навистина ѝ е мајка, потоа со милозлив глас кажа дека треба да ја слушне нејзината приказна и не треба да ги осудува луѓето пред да ги запознае.
Искрена и добра душа имаше нејзината сакана Виолета, и за првпат не се сложуваше со неа, но, одлучи да ја послуша и да ја запознае мајка си. Таа жена имаше личен возач и беше повеќе од очигледно дека е многу богата и живее на висока нога. Очекуваше дека ќе почнат разговор во луксузниот автомобил, но нејзината убава и модерно облечена мајка беше молчалива, и додека не стигнаа до хотелот одвај и да прозборија некој збор. На Лариса ѝ зовре крвта и како да сакаше веднаш да го каже своето мислење за неа, прва го почна разговорот:
– Вие очигледно не сте расположени за разговор, ама ми должите објаснување: Сакам да ми кажете, на кој начин од мајка Русинка, јас сум завршила во дом за напуштени деца во Македонија?
– Еве, сега ќе ти одговорам на сите прашања, можеби ќе бидат болни но решив до крај да бидам искрена.
Потоа, Ана, така се викаше таа, ги прекрсти долгите нозе и почна да зборува за забранетата љубов што ја имале со таткото на Лариса.
– Твојот татко е од Сирија, дошол да студира медицина во Москва. Се засакавме иако тој беше муслиман а јас христијанка. Од сите ја криевме нашата љубов, но кога забременив со тебе, му кажав, а тој без размислување рече дека треба да абортирам. Да не должам многу, преку ноќ се иссели од Русија и замина во Сирија, а мене ме остави сама да се справувам со проблемот.
На Лариса ѝ се стегаше душата и очајно ја праша:
– Значи мојот татко не знае дека сум се родила?
– Не знае, оттогаш ние двајцата немаме никаков контакт. Бев млада, бремена и несигурна во себе, и добро ми дојде да заминам во Скопје на размена на студенти и да размислам како да им кажам на родителите за тебе. Но, ти побрза и се роди во седмиот месец од бременоста и веднаш те ставија во инкубатор.
– Сигурно сте биле многу среќна! Откако сте го оставиле гревот во Скопје, сте заминале за Русија, како ништо да не било. Браво!
– Почекај дете. Убаво се договоривме на почетокот на разговорот да ти ја кажам вистината. Зарем повеќе сакаш да ти кажувам шарени лаги?
– Продолжете, но не очекувајте да се радувам на вашите зборови.
– Знам дека ти е тешко, но верувај ниту мене не ми е лесно – изусти Ана, и продолжи.
– Останав со тебе еден месец. Те следев дали и колку напредуваш, а потоа морав да заминам во мојата земја. Ја замолив Виолета да те чува како свое дете, а јас требаше да разговарам со родителите и за неколку дена да те земам со себе…..За жал, не успеав.
– Сакам само да ми дадете логичен одговор – зошто никогаш не се вративте по мене, и дали јас сум најголемата грешка од вашата младост – луто ја праша Лариса ?
– По враќањето дома, се плашев да им кажам на родителите за тебе. Не, ти не си мојата грешка, јас сега гледам во една убава и млада девојка, која не сакам никогаш повеќе да ја загубам. Во годините што следуваа јас многу учев, докторирав, се омажив и добив уште една ќерка. Тоа беше прекрасно дете и ми го разубавуваше животот. Но, мојата среќа не траеше долго, пред три години заедно со мојот сопруг, на шестгодшна возраст загина во сообраќајна несреќа.
– Ете мила моја! Тоа е целата моја вистина.
За момент ѝ падна жал за мртвата ќерка, но сакаше да ѝ признае нешто, што многу ѝ значеше.
– Жалам за вашата загуба! Јас сакам да ми кажете, дали ако беше жива вашата ќерка ќе ме побаравте МЕНЕ?
Привидно сталожената жена почна да се поти, и ја фати раката на Лариса, како да сакаше да добие во време и одвај изусти низ забите.
– Но, таа е мртва? Зошто ми поставуваш толку болни прашања?
– Ниту вие ме поштедивте од живеењето во дом.
Како попарена ја оттргна раката од нејзината, ѝ се внесе во лице и нестрпливо го чекаше одговорот. Ја гледаше право во лице и забележа дека и таа целата трепереше. По кратко го слушна одговорот:
– Не, не, немаше да те побарам. Но таа е мртва, а ти си жива и ја носиш мојата крв. Верувај дека откога разбрав дека не си посвоена, ти си единствената смисла на мојот живот. Безмалку три години, не живеев, само вегетирав. Ќе направам сѐ што треба да се зближиме и да живееме заедно како мајка и ќерка.
Лариса беше полна со бес. Никогаш дотогаш не била толку лута, та дури и подвикна додека зборуваше:
– По толку многу години сега ви текна за заборавената ќерка, откако ја нема саканата и оваа заборавената може да ви биде ќерка. Зошто мора да биде секогаш по ваше? Еднаш сте ме оставиле, зарем не треба да ме прашате дали сакам да ви бидам ќерка?! Не можам да разберам како една мајка може да го заборави сопственото дете!
Лариса го облече излитиниот капут и сакаше набрзина да излезе и никогаш повторно да не ја види таа жена. Толку години одеше смело низ животните врвици, и не сакаше да биде замена за мртвата ќерка на Ана.
Во истиот момент Ана ја прегрна со сета сила отпозади, во моментот кога девојката сакаше да замине. Неколку секунди беа така една до друга, и потоа Ана рече:
– Знам дека направив голема грешка, но што и да кажам бескорисно ќе е…..те молам, дај ми шанса да те гледам одвреме – навреме. Не ти ветувам ништо, единствено сакам да се запознаеме подобро. Лариса од лутина проба да се отргне од прегратката на Ана, но, толку многу и пријаше нејзиниот допир и мирис. Се смири малку и си помисли “зарем така мирисаат мајките”, потоа нежно се изви од прегратката и кажа без да ја погледне во очи “дозволи ми да размислам Ана”, и си замина.
По заминувањето на ќерката, Ана долго време не можеше да се смири, сепак длабоко во себе знаеше дека нивната приказна штотуку започна, а Лариса спокојно одеше по патот и како веќе да и недостасуваше мирисот на мајка.
Силвана Панева