Skip to content

Годишнина од раѓањето на Пушкин беше одбележана денеска – тој во карантин ги напишал своите најпознати дела

По повод одбележувањето 221 година од раѓањето на големиот руски и светски поет Александар Сергеевич Пушкин, денеска делегации предводени од градоначалникот Филип Темелковски и амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, положија цвеќе пред бистата на Пушкин во паркот што го носи неговото име. Тој е лоциран на улицата Пушкинова, именувана по него.

Цвеќе пред бистата положија и почесниот конзул на Руската Федерација во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски, и проф. д-р Максим Каранфиловски, со делегација од Катедрата за руски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Рускиот гениј Александар Сергеевич Пушкин во текот на своето творештво остави многубројни врвни литературни дела. Од тие дела денес учениците и студентите од целиот свет учат, добиваат инспирација и мотивација за создавање нови дела.

Пушкин бил роден во благородничко семејство во 1799 година во Москва. Тој на 15-годишна возраст во московското списание „Весник Европа“ во 1814 година ја објави својата прва поема „На другарот стихотворец“.

Во повеќе држави во светот секоја година на 6 јуни се одбележува денот на раѓањето на основоположникот на современиот руски литературен јазик – Пушкин. Во исто време се слави и Денот на рускиот јазик, кој во 2010 година беше воспоставен од страна на Обединетите нации.

Денеска, кога сите се соочуваме и водиме борба со вирусот Ковид-19, сила и инспирација треба да ни дава и тоа што во време на пандемија на колера Пушкин во карaнтин ги напишал неговите најпознати дела: „Малите трагедии“, „Повести на Белкин“, а го завршил и романот во стихови „Евгениј Онегин“.

Општина Кисела Вода со цел побрзо справување со вирусот, повикува за целосно почитување на препораките дадени од страна на Владата. Воедно потсетува и на следната порака од рускиот великан Александар Сергеевич Пушкин, која во 1827 година, за време на карантинот, ја испратил до своите сограѓани:

Сè ќе отиде и сè ќе помине,

сите грижи и паника ќе исчезнат,

патиштата повторно ќе станат рамни,

и градините повторно ќе бидат полни со цвеќиња.

Да го повикаме разумот на помош,

Да ја победиме болеста со моќта на знаењето,

И деновите на тешкиот испит

да ги преживееме како едно семејство!

Ќе станеме почисти и помудри

без да им подлегнеме на темнината и стравот.

Да се воздигнеме духовно и да станеме

поблиски и подобри едни кон други!

И сите на празничната маса

повторно да се радуваме на животот,

И нека на овој ден Севишниот

испрати парче среќа во секој дом!

Локалната самоуправа верува и ветува дека традиционалната културна манифестација „Пушкинови денови“, која оваа година не се одржа поради пандемијата, следната година со богата програма повторно ќе се одржи во паркот „Пушкин“.

Извор

Напишете коментар