На денешен ден е роден Јасуанари Кавабата (11 јуни 1899, Осака – 26 април 1972, Зуши, остров Хоншу, Јапонија). Тој бил јапонски писател, добитник на Нобеловaта награда за литература во 1968 година „за раскажувачкото мајсторство со кое ја изразува суштината на јапонскиот дух“.
Многу рано ги губи сите членови од својата блиска фамилија, што силно се одразува врз неговото творештво. Ликовите од неговите дела градат често ѕидови околу себе, живеат во изолација и се емоционални несигурни, појава којашто и самиот ја чувствувал во текот на животот.
Во едно од неговите дела, објавено во 1934 год. Кавабата пишува: „Мислам дека никогаш не сум држел жена за рака романтично…Дали сум среќен човек кој има потреба од сожалување?“. Оваа реченица јасно ја искажува неговата емоционална несигурност, посебно откако во неговата младост има две болни љубовни искуства кои влијаеле исто така врз развитокот на неговата личност.
Една од тие болни искуства била таа со Хатсујо Ито (伊藤 初 代, 1906-1951) која ја запознал кога имал 20 години. Љубовното писмо кое го напишал до неа е пронајдено во неговата поранешна резиденција во Камакура, префектурата Канагава, во 2014 година. Според Каори Кавабата, негов зет, во еден необјавен натпис од неговиот дневник тој споменува дека Хатсујо била силувана од монах во храмот во којшто престојувала, со што се прекинала нивната веридба.
Како писател, бил под влијание на бенгалскиот поет Рабиндранат Тагоре.
Кавабата дебитирал на книжевната сцена во весникот „Шиншичо“ („Нова мисла“) во 1921 година, по што бил поканет во списанието „Бунгеи Шунџу“ („Литературни анализи“) во 1923 година. Во 1925 година го објавил делото „Дневник на шеснаесетогдишникот“.
Кавабата е автор на романи-минијатури во кои реалното се меша со загодочното, а кои се израз на неговото страдање. Тој ја изучувал естетиката на класиците на будизмот. Расказите и романите на Кавабата постигнале успех како стегнатоста на формата, така и по длабочината на сугестијата – „Танчерката на полуостровот Изу“ (1925). Во романите, тој раскажува за смртта и фаталноста на трагичната љубов – „Земјата на снегот“ (1935), „Илјада жерави“ (1949), „Гласот на планината“ (1954). Други поважни негови дела се: „Велемајстор“, „Заспаните убавици“, „Убавината и тагата“ итн. Во 1968 година станал првиот јапонски писател кој ја добил Нобеловата награда.
Поврзувајќи ги истенчениот импресионизам и способноста да создава исклучително живи ликови, Кавабата е определен од литературната критика како сензуалист. Неговото творештво наоѓало рамнотежа меѓу јапонската и западната традиција. Тој се залагал за „книжевност на чувствата“ која треба да го замени безживотниот објективен јазик.
Еден од неговите најпознати романи е „Земјата на снегот“, започнат во 1934 година и овјавуван во периодот од 1935 до 1937 година. „Земјата на снегот“, е жална приказна за љубовната афера помеѓу еден токиски богат дилетант и една селска гејша, која се одвива во далечните предели во планинските региони на северна Јапонија. Овој роман му носи слава и една од причините за што ја добива Нобеловата награда за литература.
Овој роман е преведен кај нас во 2012 година во издание на издавачката куќа Детска Радост и секако е наша препорака.
За време на неговиот говор, Кавабата при добивањето на Нобеловата награда за литература посебно внимание придава на зен будизмот и начинот на кој тој се разликува од другите видови на будизам.
Негова смрт и денес останува да биде загадочна. Голема е веројатноста дека Кавабата извршува самоубиство во 1972 година со гас, но поголемиот број негови блиски соработници, како и неговата вдовица, сметаат дека неговата смрт настанала случајно. Една од тезите е дека по грешка ја отчепил чешмата за гас додека ја подготвувал својата бања. Развиени се многу теории во врска со неговите потенцијални причини за самоубиство, меѓу кои и неговото лошо здравје (имал паркинсонова болест), исто така имал и недозволена љубовна врска. Некои сметаат дека извршил самоубиство поради здобиениот шок од самоубиството на неговиот пријател Јукио Мишима во 1970 година. За разлика од Мишима, Кавабата не остави никаква белешка, и (за разлика од Мишима) тој во во своите дела не ја спомнувaл темата самоубиство, со што неговите мотиви остануваат нејасни до ден денес.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.