Skip to content

„Записите за Џозефина“ (51)

black_and_white_girl_by_lgkf310-d5eg3ft

Косата ѝ мирисаше на кокос,
а нејзе ѝ беше лето во душата,
дишеше во ритамот на омилената музика
кога одеше земјата не ја допираше,
нежно играјќи си со сончевите зраци.
Сонцето го обожаваше,
или како што милуваше да каже,
таа беше „дете на сонцето“
прашувајќи дали некој на светов
му се радува повеќе од неа.
Во омилената комбинација,
зрачеше со самодоверба,
а лицето ѝ беше украсено
со една мала, но симпатична насмевка
која никого не оставаше рамнодушен.
Движејќи се по улиците на градот
го вдишуваше загадениот воздух,
ама пак ѝ мирисаше на лето!
Мирисот на старите липи,
мирисот на свежо косена трева
и топлиот воздух беа само предвесници
на едно долго и жешко време
кое допрва следува.
Сакаше промени,
не многу драстични,
но добро беше да ги има,
тие ја предизвикуваа да се натпреварува
и да испробува разни нешта,
да се пронајде и конечно да се стабилизира,
да биде онаа старо-нова јас
со јака волја и со преголема доза на оптимизам,
со рака полна надеж,
а река од мотивација,
море од среќа
и океан од убавини.
Еднаш некој ѝ рече:
„никогаш да не куртулиш од убавини“,
се молеше тоа да се исполни
и никогаш да не престане.

Напишете коментар