А зарем можеш да одлучиш кога ќе засакаш некого, а кога ќе го оставиш? Зарем може човекот тукутака да одлучи за тоа? Добро, да речеме дека секој човек може тоа да го направи, но дали во целата суштина, во вртлогот од емоции, дали тоа е навистина така како што изгледа, како што ние му го претставуваме на светот? Што првиме со онаа неопислива празнина во градите? Што да правиме со срцето коа вели дека ќе биде крај само кога тоа ќе каже? Што правиме со емоциите кои не можат преку ноќ да се сменат или да исчезнат? Ох, а што е со нив? Што е со болката, со разочарувањето, со товарот од љубовта кој го носиш на плеќите?
Зарем сè уште верувате дека се прашуваме само ние кога некој ќе влезе во нашите животи, а кога ќе излезе? Срцето е она што е предводник на целата таа војна на емоции. И само тоа кажува кога ќе заврши една љубов. Само срцето може да го подигне белото знаменце. Само тоа е достојно тоа да го направи, а сè друго е само залажување и прикривање на вистинските емоции и чувства. Сè останато е лага, со сè останато само се лажеме себеси. Но чувството на болка и празнината во градите, тоа неописливо чувство на страв и трепет помешано со една лажичка очај и дузина збунетост, не може да лаже. Плачот на душата уште помалку. Сепак сме луѓе. Родени за да љубат, за да бидат љубени.
Човек не може да избрише друг човек туку така од својот живот, од платното на своите сеќавања. Како и да е, сето тоа испливува на површина некаде после полноќ кога конечно можеме да ја симнеме маската на гордоста од нашите лица. Тогаш кога срцето и душата ни се соголени. Само тогаш сме најискрени пред светот и пред самите себеси. Тогаш ни е кристално јасно што посакуваат нашие срца, но дали ние навистина ги слушаме нивните зборови?
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.