Skip to content

Само еден е Сервантес – Чарлс Буковски

Нема поента, морам да признаам,
западнав во својата прва вистинска
творечка блокада
по повеќе од
пет децении
пишување.
имам одредени оправдувања:
веќе долго сум болен
и ѝ се приближувам на старосната граница од
70 години.
а кога ќе ѝ се доближите на
70-ката секогаш размислувате за
можноста да
премалите.
но ме теши
фактот дека
Сервантес
своето најголемо дело го напишал
во
80-тата, но колку
Сервантеси
има?

ме разгали
леснотијата со која ги исфрлав
работите,
а потоа дојде тој
беден
застој.

и сега
душевно констипиран станав
раздразлив,
двапати и’ се развикав на жена ми
оваа недела,
еднаш кршејќи чаша
од мијалникот.
недолично однесување,
болни нерви,
лош
стил.

би требало да ја прифатам таа
творечка блокада.
по ѓаволите, среќен сум што сум жив,
среќен сум што немам
рак.
среќен сум на стотина
други начини.
понекогаш навечер
во креветот
во еден или два по полноќ
размислувам за тоа
колку сум среќен
и тоа ме одржува буден.

е сега, јас отсекогаш сум пишувал со
себичност, што ќе речеш, за да се
задоволам себе.
ставајќи нешта на хартијата полесно
можев да живеам
со нив.

сега тоа
престана.

гледам во другите старци со бастуни
како седат на клупите на автобуската станица, зјапаат право во сонцето и
не гледаат ништо.
и знам дека има уште
старци
по болниците и старечките
домови
кои седат исправено во своите
кревети
и мрморат над
нокширот.
смртта не е ништо, пријателе,
животот е
тежок.

пишувањето беше мојот извор
на младост,
мојата курва,
мојата љубов,
мојата коцка.

боговите ме разгалија.

па сепак, погледни, сè уште сум
среќен,
бидејќи да се пишува за
творечката блокада
е подобро отколку
воопшто да не се пишува.

Песната е извадок од „Песни на последната ноќ на земјата“, преку која беше испратен последниот поздрав на Буковски до својата читателска публика.

Чарлс Буковски

Напишете коментар