,,Заминувам”, тажно рече. Ја наведна главата. Се обидуваше да смогне сила за да го украси крајот со уште неколку зборови. Исто како што се краси градот со сијалички кои светкаат во различни бои пред Нова година, за да се означи крајот на едно случување. Се oбидуваше да ја закрпи нашата љубов, исто како што се крпи скината кошула. Чекор по чекор, внимавајќи да не се боцне со иглата. ,,Мораш да ми ветиш”, рече. ,,Вети ми дека ќе се бориш.
Вети дека ќе се бориш за она што го сакаш. Вети ми дека никогаш нема да се предадеш. Вети ми дека ќе бидеш борец. Вети ми дека ќе бидеш среќна. Вети ми дека нема да ја наведнеш главата пред овие злобници. Вети ми дека секогаш ќе зборуваш, ќе се бунтуваш, ќе сакаш. Вети ми дека ќе бидеш добро.” Усните ми беа како тешки, рѓосани порти. Полека почнаа да се отвораат за да ги плукнам збровите што тежеа на срцето, а требаа да бидат кажани. ,,Ќе се борам. Ветувам. Ќе се борам за она што го сакам. Ќе се борам…”, реков и продолжив да го повторувам истото како расипана касета.
Сакав да кажам нешто повеќе но не можев да ги пронајдам вистинските зборови. ,,И ти на мене вети ми дека ќе бидеш добро”, реков обидувајќи се да ги задржам солзите. ,,Ветувам мила”, рече и ме бакна во челото. Воздивна. Ме погледна. Навистина во очите пишува цели приказни, а еден поглед е како илјада зборови. Доволно ми беше признанието на љубовта кое се испиша во неговите очи. Понекогаш еден збор е доволен за да сруши љубовта во нечие срце, и исто толку е доволно за повторно да се изгради мостот на надежта.
Зборовите се како огнено оружје. И оној што го држи, со себе носи голема одговорност. ,,А да не заминуваш?” шепотејќи прашав, во страв дека може светот да слушне дека се предадов на емоциите. Не сакав повторно чувствата да ги ставам на маса, како отворени карти каде секој знае на што е. Некои работи треба да останат во душата. Но ете. Излетаа, како птица пуштена на слобода, која долго време била затворена во кафез. Тој се насмевна, како да го очекуваше тоа болно признавање. Јас знаев зошто и тој знаеше зошто. Тоа беше доволно.
Ме прегрна и го зема куферот. Силно ми ја стисна дланката. Се оддалечи и ми мафна. За последен пат… Некои работи се осудени на пропаст. На некои работи мора да им дојде крајот и истиот да се накити со неколку последни зборови. Зборови произлезени од души кои врескаат од болка…
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.