Драг читателу, да токму ТИ што сега одвои време и го читаш токму овој мој текст. Сакам да ти се заблагодарам за твојата одлука да го посетиш нашиот блог. Што отвори да прочиташ што имаме да кажеме. Секогаш имаме нешто што би сакале да го споделиме со нашите читатели. Па и денес не е ништо поразлично. Денес се разбудив прилично без мотивација. Но веднаш се впуштив во “акција“ за да си ја вратам енергијата полнејќи се со позитивни мисли.
Не знам дали сум ви кажала претходно, многу нетипично за повеќето луѓе, но јас ги обожавам понеделниците. Зошто? Бидејќи ме потсетуваат на свежи, нови почетоци. Дека секогаш постои нова шанса, макар и да не е почеток на нова недела, или прв ден во месецот или прв месец во годината. Секој ден е прикладен за нов почеток токму затоа што вие така ќе си одлучите. Вашите одлуки се лично ваши избори и сами сте одговорни за последиците од истите.
Можете ако верувате дека можете, затоа што ја имате силата потребна во вас
Знам дека е многу полесно да се напише, клише муабетот дека теоријата е едно, а праксата друго. Меѓутоа тие се испреплетуваат секогаш, едно без друго не е комплетно. Можеби е лесно е да се напишат стотици реченици со ветување, мотивациски говори, мудри мисли, инспиративни цитати, но за да се дејствува на одреден начин бара повеќе волја и труд. Не велам дека слепо треба да се следат туѓите мисли, или да се слушаат насоките од останатите, или мотивациските говорници што ветуваат подобар живот ако ги прочитате нивните книги. Туку безрезервно да си верувате себе што и да прочитате!
Во ред е да се видат и дознаат нивните размисли, нема ништо лошо во истото, дури и во ред е ако се послуша некој нивен совет којшто ви се чини дека навистина е добар. Но не се разочарувајте ако животот не ви изгледа како што замислувате дека требало да изгледа во овој момент. Голем дел од нештата што ќе ви се случуваат во иднина зависат од вас и се во ваши раце. Можеби иднината ни е неизвесна на сите, но денешните чекори, одлуки и избори што ги правиме во сегашниов миг во голема мера ќе ја одредат насоката на идните настани. Дури и ќе ги обликуваат.
Вие сте капетан на вашиот брод, пилоти во својот авион, главните јунаци во вашиот роман, главните актери во сопствениот филм, при што речиси никој не може да ви ја одземе таа улога освен ако не му дозволите. Да, бродот може да потоне, авионот да се сруши, но што ќе се постигне со количеството на страв? Стравот нималку не е корисен бидувајќи една кочница која нè спречува да ги бркаме соништата. Ослободете го, покажете му што значи храброст – да се биде храбар, одлучен и смел.
Можете, ако верувате дека можете, во спротивно во што би верувале повеќе?
Оставете ги настрана стравот од неуспехот и тешкотиите, тие се составен дел од сечиј пат до успехот. Нека не ве плаши никое паѓање сè додека можете да се исправите. Додека има причини за да продолжите понатаму. Причина за понатаму секогаш ќе постои! Ако нема, ќе ја измислите, ќе ја побарате, ќе ја пронајдете, ако треба и ќе ја нацртате, но ќе биде присутна. Пронајдете ја длабоко во себе, ќе се уверите дека секогаш има како, има и начин, само ако се сака.
Сега повторно се обраќам во еднина, на секој од вас поединечно: Драг читателу, верувај во себе, исфрли ги сомнежите полнејќи ги со доблести. Ти одлучуваш за себе и поради себеси, никој друг во твое име! Се надевам дека овие позитивни мисли ќе бидат дополнителен зрак светлина што ќе ти го грее денов, или моментот кога ќе ги читаш. Слободно сподели ги со оние за кои мислиш дека им се потребни да ги прочитаат. Сподели ги со пријателите, роднините, познаниците за кои си сигурен дека добро ќе им дојдат.
Биди поздравен/а и се читаме повторно!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.