Skip to content

„Записите за Џозефина“ (69)

black_and_white_girl_by_lgkf310-d5eg3ft

Сонуваше како трча боса
низ ливада полна со цвеќиња,
трчаше напред непогледнувајќи назад
допирајќи ја недопрената природа.
Прекрасен мирис се ширеше наоколу,
Џозефина за момент престана да трча
и скина едно цветче,
се потсети дека кога беше мала
од такви цветчиња правеше накит,
па после тоа гордо го носеше
додека не ѝ здосади.
Тогаш почна да дува силен ветар,
ги разнесе сите дрвја наоколу,
од цвеќињата не остана ништо,
а Џозефина едвај успеваше да стои
и во моментот кога силниот ветар
ќе ја оддуваше и нејзе, се разбуди.
Во собата доаѓаше
мирис на печени костени,
зимска атмосфера владееше
во секое ќоше од нејзиниот дом,
на масата ја чекаше топол чај,
а таа не можеше да го сокрие
задоволството кое го чувствуваше
предизвикувајќи ѝ насмевка на лицето.
Празници се ближат, си помисли
единствениот период од годината
кога сите најмили се на едно место,
кога се чувствува спокој
и магична исполнетост,
кога ги полниш батериите за
престојната година,
кога уживаш под ќебе
гледајќи некој добар филм,
кога знаеш дека ќе биде подобро,
знаеш дека е добро кога сите се на број,
и кога си посакуваш еден тон здравје,
кога знаеш дека на крај ќе испадне
онака како што си замислувала
или барем приближно слично,
тогаш знаеш дека си среќна.

Напишете коментар