Skip to content

Ги де Мопасан – мајстор на краткиот расказ

Ги Де Мопасан (Анри Рене Албер Ги де Мопасан), познат француски писател на раскази и романи од францускиот реализам е роден на денешен ден во 1850 година. Се родил во замокот Мироменил Турвил-сир-Арк, во близина на Дјеп во Франција. Иако на почеток неговите стихови не биле добро прифатени, тој подоцна станал еден од најголемите и најпознатите писатели во Франција.

Мопасанови  биле старо лоренсно семејство кое се преселило во Нормандија во средината на 18 век. Во 1846 година, неговиот татко се оженил со Лoра де Поатевен, девојка од богато буржоаско семејство. Како дете, Лора и нејзиниот брат Алфред често играле со синот на хирургот, Гистав Флобер, кој подоцна силно влијаел врз животот на Мопасан. Мајка му  била  жена со необичен книжевен вкус и многу добро ги познавала класиците, особено Шекспир. Бидејќи таа била разделена  од сопругот, таа сама ги одгледала нејзините два сина, Ги и Херве.

Детство

До тринаесетгодишна возраст, Ги живеел со својата мајка во Етрат, каде растел на село:  често одел на риболов со рибарите или разговарал со селаните  на нивниот локален дијалект. Бил толку приврзан кон својата мајка што, откако се запиша на богословија  во Ив, многу брзо го напуштил училиштето и се вратил дома. Од оваа фаза на неговиот живот доаѓа неговата изразена одбивност кон религијата.

Потоа бил испратен во гимназијата Пјер Корнеј, каде покажал особен интерес за поезија, но и успешно се испробал во  глума. Француско-пруската војна избувнала веднаш откако завршил средно образование во 1870 година. Тој веднаш доброволно се пријавил и се борел на фронтот. По завршувањето на војната во 1871 година,  ја напуштил Нормандија и отишол  во Париз, каде работел како поморски офицер следните десет години.

Во тие десет години, неговото единствена разонода  било веслањето на Сена во недела и за време на празниците. На почеток, Гистав Флобер  станал негов учител и еден вид литературен водич во неговите литературни и новинарски почетоци. Во куќата на Флобер, тој се запознал со рускиот романсиер Иван Тургењев и со францускиот Емил Зола, како и со многу други претставници на реализамот  и натурализамот. Во тоа време, почнал да пишува песни и кратки драми.

Плоден книжевен период

Во 1878 година, се вработил  во Министерството за јавни информации, каде станал надворешен уредник на неколку водечки весници во тоа време, како Фигаро, Голоаз и Л’Еко де Пари,  додека пак во слободно време пишувал романи и раскази. Во 1880 година го објавил своето прво ремек дело, „Топка маст“ што постигнало огромен успех.

Најплодниот период на Мопасан бил од 1880 до 1891 година. Тој станал познат по своите раскази, вредно пишувајќи и создавајќи две и понекогаш четири дела годишно. Стекнал вистинско богатство зошто имал литературен талент но и чувство за бизнис.

„Домот на Телјови“ – прва книга раскази

Во 1881 година, тој ја објавил првата книга раскази под наслов „Домот на Телјови “, која достигнала  ванаесет изданија за само две години. Во 1883 година, тој го завршил својот прв роман „Живот“, кој се продал во  25.000 примероци за помалку од една година.

Во своите романи, тој детално ги разработувал заплетите од неговите раскази. Неговиот втор роман „Бел-Ами“, објавен во 1885 година, се издал во  триесет и седум изданија за само четири месеци. Неговиот издавач во тоа време плати многу за секое свое ново ремек дело, а во тој период Мопасан ги напишал и романот „Пјер и Жан“, кој многумина го сметаат за негов најдобар роман. Александар Дима синот  му бил како втор татко. Го запознал Иполит Тен и бил  воодушевен од овој филозоф и историчар.

Многу ја мразел  човечката комедија и општествената фарса. Сите луѓе за кои пишувал, ја имале изгубено волјата за живот. Дури и кога го сакаат животот, хероите од неговите романи и приказни не знаеле како да живеат. Тие се жртви на страст и трагични недоразбирања.

Ги де Мопасан бил многу добро платен за неговите книжевни дела. Тој уживал во  осаменоста, и често патувал. Ја обиколил  Европа и Блискиот исток и за време на патувањата пишувал посветено, враќајќи се дома со веќе  напишани дела. Се  дружел со сите познати книжевици од своето време и бил многу ценет во општеството, но со текот на годините станувал  се повеќе осамен.

Во подоцнежните години, тој развил скоро болна желба за осаменост, имал постојан страв од смрт и  рогонство, заедно со симптоми на сифилис кој го стекнал во младоста. Во 1891 година, тој потополно го загубил разумот  и починал две години подоцна, во јули 1893 година, еден месец пред неговиот 43 роденден. Ги де Мопасан  бил  погребан на гробиштата Монпарнас во Париз.

Извор

Напишете коментар