Најмалку еднаш во животот сите сме дошле до таа фаза на откажување. Ја гледаме како последна шанса, претешка со која мислиме дека не можеме да се справиме. Ваквата помисла на откажување може да се појави за време на секој “подвиг“, дури и на самиот почеток. Нормално е почетоците да плашат, истите да се тешки. Исто така целосно разумно е да се појават негативни мисли кои сакаат да го бојкотираат започнатото.
Што можете вие да направите?
Прво и најосновно, да не речам најважно е да верувате во себе. Толку силна и моќна е вербата во себеси и во своите потенцијали што прави чуда. Помислете на сите оние што веруваат во вас, кои ве поддржувале цело време. Сите оние што беа тука за вас, имаа разбирање за секоја ваша постапка и не прекинале да веруваат и да ве поддржуваат. Потоа помислете на сите оние што би му аплаудирале на вашиот пораз. Не сакате да ве видат поразени нели? Сигурно не сакате да им ја укажете таа можност.
Второ, не губете надеж. Колку и да звучи клише, овој предлог е чиста вистина. Надежта последна умира, но додека е жива не ја убивајте во себе. Само негувајте ја, не мора да биде претерано голема, но нека биде присутна.
Трето, но не и најмалку важно – никогаш не се откажувајте. Многупати сте ја слушнале фразата “не се откажувај“, во сите можни варијанти. Сте читале мотивациски мисли, сте се обиделе да се мотивирате себеси на сите можни начини. Покрај тоа, повторно ве исцрпуваат негативни мисли што ве тераат на откажување. Главата горе, не сте сами, ниту единствени во таа “мака“.
Од грешките учиме, и стануваме помудри
Грешки секогаш ќе прават само оние што се обидуваат да направат нешто. Од нив треба да учиме, и да извлекуваме животни лекции. Не да бидеме демотивирани и да изгубиме самодоверба. Затоа, продолжете понатаму кога ви е најтешко.
Кога ќе помислите дека не можете повеќе, дека сте исцрпени, давате сè од себе, но нема резултат и сакате да дигнете раце – тогаш додајте гас. Продолжете да го правите она што сте го почнале, додека не го видите замислениот успех. Тешко ќе биде, на моменти ќе се чувствувате и бесцелно, но ќе вреди.
Еднаш кога ќе сфатиме дека ништо добро не доаѓа лесно, можеби и откажувањето никогаш нема да ни биде опција. Откажувањето е за слабаци, за луѓе што се плашат да успеат, за таквите кои не сакаат да преземат одговорност. Вие не сте од оние што сакаат без мака да направат нешто, туку сакате со сопствен труд да нижите победи. Вие сте борци првенствено за себе, а потоа за својата иднина.
Еден ден кога ќе погледнете наназад и ќе видите што сè сте морале да поминете за да бидете таму каде што сте, ќе бидете горди. Ќе ви стане јасно дека сето она што го имате, и она што сте, сами сте го заслужиле. Подобар успех од тоа кога е во прашање остварување на животни желби речиси и да нема.
Борете се секогаш за да ги исполните вашите цели. Ако седите и чекате да се исполнат сами од себе, ќе се направите костур чекајќи. Вложете ги трудот и енергијата со кои располагате во моментот. Сега дури имате и повеќе време, и енергија. Подоцна можеби ќе имате уште повеќе време, но енергијата ќе ви биде намалена.
Зграбете ја секоја шанса, и чекорете храбро кон вашите остварувања. Кој ќе го направи тоа за вас, ако не вие самите?
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.