Skip to content

Мравки

„Мравки, видете, онде има чад!“ – викна малиот Павел. Навистина, огромен чад се излеваше од пожарот кој брзо се ширеше на блискиот рид. Топлиот воздух и ветерот кој дуваше скоро секој ден тоа лето уште повеќе го распламтуваше. Се чувствуваше некоја раздразливост во воздухот. Но, мравките одеа и се враќаа кон своето живеалиште и не приметуваа ниту намирисуваа чад. Павел сакаше да ги гледа и да се радува и не помислуваше дека за кратко чадот може да стигне до него и неговата мајка.

Мајка му само го повлече за раката и без да го праша  заминаа кон нивниот скромен дом. Никој не ги чекаше. Никој не знаеше дали се доволни сами на себеси или им треба друга рака која ќе ги води низ животот. „Мамо, сакам кај мравките!“ – викна Павел. „Утре, сега не може“ – одговори мајка му и го затвори прозорецот за да не се чувстувува чадот кој навлегуваше внатре. Се мислеше што прават мравките, дали и тие ги затвориле своите прозорци кај нив, во нивното дома. Заспа читајќи приказна за малото слонче Бамби. Но се сети и за убавата басна која мајка му ја читаше пред некој ден за Штурецот и Мравката и знаеше колку се вредни мравките.

„Ох, кај нив никогаш нема оган, ни чад, ниту пак пожар!“ – си помисли и заспа. „Павел, станувај мора да одиме!“ – го чу гласот на мајка си. Знаеше дека е ноќе, дека е темно и го фати страв. „Мамо, каде? Темно е, страв ми е!“ „Павел, одиме кај баба ти, слушај ме, оганот доаѓа накај нашата куќа, мора да внимаваме!“ „Добро мамо, да одиме, но што е со мравките?“ „Павел, престани со тие мравки, па зарем да се грижиме ние за нив? Си имаме ние наши грижи.“ „Добро, но вети ми дека ќе одиме кај нив кога ќе се вратиме дома.“ „Добро ти ветувам, ајде сега да одиме кај баба.“

Го разбуди дождот кој врнеше цело утро. „Мамо, врни!“ „Да, сине, нема веќе чад!“ „Нема чад? Од каде знаеш?“ „Ми се јави тетка Милица, знаеш нашата сосетка. Сега сме на сигурно. И куќата се спаси од огнот.“ „Ох, мамо и мравките сигурно, и нивното дома и тие се спасија!“ „Да, сине и тие се на сигурно!“ „Да одиме да ги видиме!“ „Покасно, прво да се видиме денес убаво со баба и вечер си  одиме дома!“ Павел следното утро истрча кон креветот на мајка си, ја фати за рака и ја натера да се облечат набрзина за да одат да ја посетат куќата на мравките.

„Мамо дали знаат дека сме овде?“ „Не знам сине, но знам дека уживаат во тоа што го прават како и во топлината на својот дом.“ „Да мамо како и ние во нашиот!“ „Да сине и домот е таму каде е нашето сонце, топлината на нашите души и местото каде се грее нашето срце!“ „Мравки, видете сега нема чад!“ – гласно и насмеано викна Павел и заедно со мајка му заминаа во нивниот дом кој за среќа успеаа да го сочуваат од големиот оган.

А домот, домот за нив значеше сѐ…Топлина, мир и љубов и тоа беше доволно за да продолжат да живеат сами, иако скромно, без потпора од друга рака во животот. Павел знаеше дека секое утро ќе ги посетува неговите нови другари – мравките од кои толку можеше да научи како се сака домот и како вредно се работи за да се сочува истиот.

Напишете коментар