Skip to content

Животопис на Коле Чашуле, значаен лик во македонската книжевност, култура и историја

Коле Чашуле (2 март 1921 во Прилеп – 22 септември 2009 во Скопје) бил македонски романописец, драмски писател, публицист, револуционер-првоборец, политичар и дипломат.

Биографија

Роден како Никола Кепев, четврто дете во фамилијата на Стева и Илија Кепеви, во 1925 година е посвоен од вујко му Илија Чашуле, со што званично го добива презимето Чашуле. Основно училиште и нижа државна гимназија завршува во Прилеп, а државна реална гимназија во Битола. Во 1938 година запишува студии по медицина во Белград кои ќе ги прекине во април 1941 поради започнување на војната во Југославија.

Од есента 1938 година активно е вклучен во комунистичкото движење. Во 1940 година ја извршил партиската задача пренесување на куфер полн со примероци на Бели мугри од Белград во Скопје и така го запознава Кочо Рацин.

Во мај 1941 година оди во Софија со група македонски студенти со цел да се запише на тамошниот универзитет. Тогаш ги запознава Никола Вапцаров, Венко Марковски и Тодор Павлов. На импровизирано литературно читање настапува со Венко Марковски, Вапцаров и Блаже Конески со кого истото лето, по враќањето во Прилеп, подготвува заедничка поетска збирка. Коле Чашуле бил член на комунистичката партизанска група која го кренала македонското востание против бугарскиот фашистички окупатор на 11 октомври 1941 година во неговиот роден град Прилеп.

Во 1942 година е уапсен и осуден на смрт со бесење како организатор на атентатот врз бугарскиот висок полициски функционер во Скопје, озлогласениот Мане Мачков, казната е преименувана во доживотна робија која ја издржува во скопскиот затвор Идризово. Во 1944 година Чашуле го организира успешното бегство од тој затвор на повеќе од 300 осуденици, по што активно се вклучува во завршните воени операции за ослободување на Македонија. Во 1946 година Чашуле е член на судскиот совет што го осудува неговиот сограѓанин Методија Андонов – Ченто на 11-годишна затворска казна.

Драмата „Црнила“

Една од најпознатите драми на Коле Чашуле е Црнила и во неа станува збор за убиството на познатиот македонски револуционер Ѓорче Петров, дедо на Коле Чашуле.

На видеото подолу погледнете го видеото каде професорката по македонски јазик Емона Јованоска зборува за развитокот на драмската литература во Македонија и прави интерперетација на дрмата „Црнила“. Драмата се обработува во четврта година во средно образование според наставната програма од МОН.

Чашуле бил директор на Радио Скопје, уредник на списанијата „Нов ден“ и „Современост“, главен и одговорен уредник на „Разгледи“, управник на Македонскиот народен театар. Еден е од иницијаторите за формирање на Друштвото на писателите на Македонија, а едно време бил и негов претседател. Подоцна се зачленил во Независни писатели на Македонија. Членувал во Македонскиот ПЕН центар. Бил член и на Македонската академија на науките и уметностите.

Чашуле во 1952 година заминува на својата прва дипломатска должност во Торонто, каде е именуван за генерален конзул на Југославија во Канада. Подоцна станува и југословенски амбасадор во Боливија, Перу и во Бразил. Во 1956 година е именуван за прв министер за култура на НР Македонија.

Почина во Скопје на 22 септември 2009, на 88 години.

Книжевно творештво
Драми:

Една вечер (1948)

Последните гаврани (1950)

Задруга (1950)

Вејка на ветрот (1957)

Бразда (1958)

Црнила (1960)

Игра или социјалистичка Ева (1961)

Градскиот саат (1965)

Вител (1966)

Партитура за еден Мирон (1967)

Земјаци (1967)

Тројца и вистината (1967)

Како што милувате: Оставка на еден карипски министер за внатрешни работи или, Достага на самиот врв од највисоката власт (1975)

Веда (1976)

Суд (1978)

Житолуб (1981)

Дивертисман за еден Стрез (1967-1990)

Роднокрајци (1987)

Тибурсио и Синфороса, (1988)

Вејка, два (1989)

Сон прв (1991)

Сон втор и по него друг (1992)

Modus moriendi (1992)

Lacrimula (1993)

Маркучот во четири гласа (1995)

Романи:

Простум (1970)

Премреже 1-2 (1977)

Вомјази (1981)

Имела (1982)

Горчила (1983)

Канадски фрагменти (1985)

Конзулски писма (1987)

Така е, ако ви се чини (1994)

Лимб (2002)

Книги раскази:

Првите дни (1950)

Раскази (1953)

Проза 1945-1967 (1968)

Само сказни (2000)

Книги есеи:

Записи за нацијата и литературата (1985)

Нови записи (1989)

Македонски дилеми (1992)

Резиме за мојата генерација (1998)

Болно племе (2000)

А, бре, Македонче! (2003)

Монографија:

Народен херој Страшо Пинџур (1950)

Добитник е на наградите: За драмски опус „Марин Држиќ“, „11 октомври“, и „Стале Попов“, „Стериина награда“, Награда за книжевен опус на „Мисла“, „4 јули“, „АВНОЈ“ и „Војдан Чернодрински“ за животно дело и други. Во 2007 година е добитник на Рациновото признание.

Извор

Напишете коментар