Преубавите моменти во мајчината (или таткова) прегратка, со галење и читање на омилените приказни се од непроценливо значење како за родителите така и за децата.
Никогаш не е премногу рано да почнете да му читате на своето дете и да го запознаете со едно од најубавите животни задоволства. Уште во првите неколку денови од животот бебето “одговара“ на вашиот глас, слуша и набљудува што се случува околу него.
Кога ќе научи да ги препознава зборовите подоцна ќе има и свој говор додека целосно не го усвои зборувањето. Токму затоа читањето е важен поттик во развојот на детскиот говор. Ако ги научите децата да ги сакаат книгите ќе им пружите основа за развој на многу други вештини. На тој начин се подобрува нивната способност за комуникација, а на училиште ќе тргнат со позитивен став кон книгите.
Истражувањата покаже дека децата кои се воспитувани покрај книги, не само што покажале подобри резултати во јазичните способности туку имале и подобри успеси на тестовите по математика.
Прочитајте во продолжение на кој начин родителите можат да им ја вродат љубовта кон книгите на своите деца.
Одберете ги вистинските книги
Од изборот на книги зависи колку вашето дете ќе ужива во неа. Малите деца сакаат книги кои им го привлекуваат вниманието и со леснотија ќе можат да ги држат во раце. За нив се идеални тврдите сликовници при чиешто отворање се формираат тридимензионални слики, потоа сликовници наменети за вода, живи бои со јасни и големи слики. Сликовниците со кратки, римувани песни ќе ги воодушеви малите кои се на возраст од две до три години. Постојано ќе бараат да им ги повторувате.
Книгите кои содржат малку текст, или се без него се добар избор бидејќи поттикнуваат развој на имагинација бидејќи сами ја смислуваат приказната.
Уште еден практичен совет: кога бирате книги за децата нека ви се допаднат и вас! Децата сакаат да ја слушаат истата приказна, секогаш одново. Така најверојатно истата приказна ќе ја читате по сто пати.
Читањето како секојдневна рутина
Читањето треба да биде задолжителен, неизоставен дел од секој ден. Идеално е ако на детето му се чита навечер, пред спиење. Тоа е време кога тензиите се сведуваат на минимум, дневните обврски се зад вас, а детето е релаксирано и расположено да слуша. Ако е премногу поспано навечер, тогаш воведете попладневно читање, после ручек или пред капење. едноставно кога ќе видите дека има најголем интерес кај него за слушање читајте му тогаш.
Ова не значи дека треба да му читате во точно одредено време. Читањето може да го употребите и како начин за смирување на детето кога ќе се заигра премногу. Или пак како награда за убаво однесување.
Уште поубаво е кога тоа ќе почне само да бара да му се чита. На вас е да се потрудите да му бидете на располагање секогаш кога ќе го побара тоа од вас.
Заедничко уживање
Пронајдете тивко место во домот, прегрнете го вашето дете, пуштете тивка музика и заеднички нурнете се во книгите и фантазиите. Многу е важно читањето да биде без прекинување и да уживате во приказната, бидејќи вашето дете не е критичар и бескрајно ќе ужива додека го засмејувате и занимавате. Не е воопшто важно како изгледате кога му зборувате со смешен глас или ги имитирате животните. Детето ќе ве слуша со најголемо внимание. Зборувајте му со бавен, певлив глас за да ја оживеете приказната и да му овозможите да ужива во неа.
Додека читате книгата држете ја за да може да ги види сликите. Покажувајте ги сликите кои ја следат приказната.
Кога ќе забележите дека некоја слика му го привлекла вниманието, застанете и заедно зборувајте за неа
Покажете му ги познатите предмети во книгата и дискутирајте малку за нив. На овој начин ќе му помогнете полесно да ја разбере смислата на зборовите. Ако во книгата се наоѓа слика со зајак, проширете ја приказната и зборувајте за зајакот играчка со која тоа секојдневно си игра.
Барајте од детето да ви ги имитира гласовите на животните и да ви покажува одредени ликови или предмети во книгата. Ако го прави тоа точно, пофалете го.
Некои деца се премногу темпераменти. Нив е тешко да ги натерате да седат мирно и да слушаат. Затоа е потребно читањето книга да вклучува и некоја друга активност. Изберете книга која ќе ја задоволни немирната природа на детето. Постојат бројни книги кои од децата бараат одредена активност, со којашто тие се вклучуваат во приказната, почнуваат да уживаат во неа, и без да забележат.
Набљудувајќи ве како читате, детето многу брзо учи како да се снаоѓа со книги. Ќе научи како да тргне од почеток и потоа да ги врти страните следејќи го развојот на приказната. Набрзо и самото ќе почне да учествува, ќе ги врти само страниците или ќе ве фати за рака да запрете, ако премногу брзо читате, или ако сте прескокнале некоја страница.
Во денешно време кога технологијата преовладува во секој дел од нашиот живот, тешко е да се воспитуваат децата. Уште потешко е да се научат да ги сакаат книгите и да уживаат во читањето.
Експертите препорачуваат методи кои ќе ви помогнат во процесот на совладување на тие потешкотии.
Читајте гласно
Ако читате гласно не само што кај детето ќе развиете интерес за литература туку и ќе ја зацврстите врската со него.
Ограничете ја употребата на компјутери/паметни уреди
Временското ограничување и правилата поврзани со користење паметни уреди мораат да бидат доследни така што децата не можат да преговараат со вас и да бараат повеќе време од она што вие сте го одредиле.
Купувајте/позајмувате книги од библиотеки
Можеби ќе заштедите со помош на е-книгите, но важно е на малите да им покажете дека книгите се скапоцени така што ќе направите библиотека во домот, и ќе направите простор и за литература за деца.
Посетување библиотека
Трудете се барем еднаш во месецот заеднички да ја посетите градската библиотека и во таа прилика дозволете му само да одбере книги за читање. Одете по полиците и зборувајте му интересни “приказни“ за книгите, дури и да ги измислите во моментот.
Дознајте и кои се седумте нешта што се однесуваат на децата, а наставниците сакаат родителите да ги знаат!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.