Сите сме ја слушнале приказната за штурецот и мравката. За работникот и “шутот” кој нема ниту еден ден работен стаж и наместо амбиции, работна навика и одобрување од општеството, има само една трула виолина поради која на зима останува без храна, сам, смрзнат и гладен додека пак, мравката потсмевајќи му се, на топло ужива во плодовите на својот труд и работа.
Се прашувам дали ако ги замениме ликовите во приказната со наши избраници, ако штурецот го замениме со денешните уметници, писатели, сликари, музичари и артисти, а на мравката му го доделиме ликот на нашите биолози, математичари, хемичари и физичари, сè уште народот ќе ја гледа приказната со исти очи? Одговорот го пронајдов во оглдедалото што ја отсликува денешната ситуација. Не само кај нас, туку и на целиот Балкан. Стоејќи пред огледалото, допирајќи ја неговата површина видов илјадници деца чии сништа полека се кршат. Прво од страна на родителите, а потоа и од страна на општеството кое лицемерно се крие зад материјалните придобивки што ги пружа науката, а на оние емоционалните произлезени од уметноста бесрамно плука.
Од мала вкоренето ми е дека не смеам да плачам и навистина јас не се сеќавам на последниот пат кога сум дозволила емоциите да го красат моето лице. Но ете очите ми се насолзија кога на Марија ѝ беше одземена играчката микрофон под изговор дека ‘таа нема да пее по кафани со кратки пантолони за петсто денари бакшиш, туку ќе заврши право и ќе го направи семејството гордо.’ Солзата што ја пуштив за неа беше најгорката во мојот живот. Следен беше Иван кој стоеше над кантата за ѓубре во која сега почиваше неговиот цртеж под изговор дека ‘таа шкртаница нема да донесе леб и пари.’ Фразата прво изговорена од неговиот татко, а потоа и од општеството од кое тој бараше стипендија.
За него не ни морав да плачам зошто неговите солзи течеа додека пред него фрчеа памфлети од Природно-Mатематичкиот Факултет. Сепак, солзата што ја пуштив за него не беше помалку болна од онаа што беше пуштена за Марија. Видов многу ликови после нив двајца, малтретирани, исмевани, тепани и присилени да се откажат од своите соништа само затоа што општеството не прави разлика помеѓу уметник и уличар, помеѓу артист и неработник, помеѓу талент кој ствара за да живее и робот кој живее за да ствара.
Одамна престанав да ги бројам солзите кои ми потекоа тој ден. Наместо тоа ги собрав во шишенцето со исушено мастило, го натопив перото и почнав да пишувам, со цел да им дадам глас на илјадниците Марии и Ивани, да ги оживеам нивните сништа, да ги отворам очите на општеството и конечно да го прецртам прашањето ”Дали вреди или не?” Или “Да се биде или не?”, уметник во оваа наша земја. Во средина каде што штурците-уметниците се класифицираат како неработници додека мравките-научниците, математичарите, физичките работници и сите останати спаѓаат во “класата” која го “гради општеството”.
Хмм… И на крај дали навистина да се биде или не? Дали навистина вреди или не? Одговорот е едноставно да, зошто на крајот на краиштата од уметноста доаѓа идејата, а пак од идејата потекнува науката.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.