Во вторник на 20 октомври со почеток во 18 часот во Umbrella (ГТЦ) ќе се одржи промоција на најновата книга на Емилија Златкова Анастасова. Во поканата наведено е барање за задолжително почитување на протоколот за настани. Присуството треба да биде однапред потврдено. Промотор на книгата ќе биде Денис Бојаров.
Во Велес промоција на истото дело ќе се одржи во Ликовниот салон на 22 октомври со почеток во 18 часот.
Книга за несекојдневното секојдневие на семејствата со деца со аутизам.
„Детето во снегот“ на авторката Емилија Златкова Анастасова е збирка која во себе содржи раскази, исповеди на родители и стручни изјави на експерти, кои ги поврзува една иста тема: аутизмот.
Ова нарушување со кое во Македонија и во светот живеат сè повеќе и повеќе деца, а покрај нив и нивните родители и нивните семејства, е тема на која мора да се зборува. И пишува! Илустративно опишувајќи го аутизмот како заталкување на детето во снегот додека родителите се надеваат и се борат тоа да им „се врати“, авторката ја прикажува и нивната паралелна борба со околината и со целиот свет детето да биде прифатено такво какво што е, со сите свои необични посебности, за да може да се чувствува сакано и прифатено. За да може да биде тоа што е.
Книгата многу брзо ќе биде достапна во книжарница Полица и во останатите продажни места на нивните изданија.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.