Се погледнуваш во огледало и си помислуваш: „Ех, само носот да ми беше малку поправ“. Потоа отвораш уста и правиш преглед на забите и си велиш: „Сакам да ми бидат поправи и побели за да бидам поубав/а“. Продолжуваш со замерките кон себеси, од лицето се пренасочуваат кон другите делови од телото. Помислуваш колку би било убаво да имаш прави нозе или поголеми облини. Па си мислиш дека многу подобро би било кога би бил/а барем десет сантими повисок/а. И вака со ред, додека не ти се смачи од сопствената неблагодарност за она што си, и што го имаш, а можело да биде и полошо.
Има периоди кога сè ти се врти околу наоѓање сопствени несовршености, и си правиш цел список со истите. Покрај забелешките околу физичкиот изглед се префрлаш на карактер, темперамент и други карактеристики што ги поседуваш. Сфаќаш дека можеш многу повеќе да се потрудиш околу остварување на некои зацртани цели. Си забележуваш дека не даваш сè од себе во некои моменти. Се прекоруваш поради одлагањето и за сите неискористени шанси и прилики што животот ги понудил.
Нашите несовршености и нивно прифаќање
Си го направил ова погореопишано сигурно еднаш ако си доволно самокритичен. Ако имаш простор да размислиш што е она што ти недостига или што би можел да го промениш. Постои нешто во кое може да се биде подобар бидејќи има простор за промена. Истото не е фиксно, за разлика од некои други работи. Фиксните нешта кои не може со ништо да се променат, останува само да бидат прифатени. Чуму секирање околу нив кога не зависат од тебе ниту од други фактори. Лесно е да го коригираш носот да го измазниш и смалиш, оди да те видам поправи ја несигурноста што ја чувствуваш некогаш кај себе, сечејќи ја истата со нож!
Ако си доволно самокритичен ќе си ги погледнеш несовршеностите од вистински агол. Сфаќаш дека тие постојат кај тебе со причина. Колку и да мислиш дека си ги прифатил секогаш постои оној внатрешен глас кој ти вика дека може поинаку. Тој глас некогаш е во право, а некогаш е тотално непотребен. Многу е важно кога ќе го послушаш, а кога ќе му се спротивставиш. А најважно е што мислиш ти за себе, секое туѓо мислење за тебе зборува само за типот на човек кој го кажува истото.
Сите ние вредиме подеднакво, без оглед на сите поделби и разлики помеѓу нас
Сакам да ви кажам дека вредите заедно со сите ваши несовршености. Ценете ја сопствената вредност, сакајте се себе со сите забелешки упатени кон самите вас. Вие живеете во вашето тело и секојдневно го слушате вашиот ум. Често знае да ви говори негативности кои многупати немаат вистинитост колкава што ви изгледа. Кога тие негативни мисли ќе научиме да ги скротуваме и да ги пренасочуваме во позитивни начини на размислување, тогаш ќе почне да исчезнува и преголемата самокритика.
Позитивните мисли велат: „Јас се прифаќам себе каков/каква што сум. Заедно со сите мои совршени несовршености бидејќи ме прават да бидам ова јас“. Исто така значат следново: „Во ред е да правиме грешки, но речиси секогаш има простор за поправање на истите, не е доцна да се смени нешто“. И за крај позитивната мисла која гласи: „Се сакам себеси ваков/ваква, одбирам да бидам нежен/на спрема себе. Промените што зависат од мене ќе ги правам, она што не можам да го сменам ќе го прифатам“.
Н.Н
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.