Ако ми дозволат да кажам колку ти ги сакам очите,
никогаш веќе нема да ги затворам моите,
Никогаш веќе нема да ги преспијам ноќите,
Туку само ќе ти клекнам пред нозете и ќе ти пишувам,
со зборови ќе те милувам.
Ако ми дозволат да ти посветам драми,
деноноќно ќе молчам и ќе те гледам додека сме сами,
светот ќе го затворам на неколку дена,
Од лицево на Земјава мене ќе ме снема.
Ако ми дозволат да ти пишувам книги,
ќе се сокријам некаде близу до тебе,
ќе побегнам од сите па дури и од себе.
Јас, сиротиот поет – ранливо чудовиште,
во тебе ќе го најдам моето прибежиште,
ќе се свијам таму, на земја до креветот твој,
ќе голтам и слушам и молчам и песни ќе ти напишам безброј.
Љубов, ѕвездо… бездно… погледни ме,
ако ми дозволат да ти го возвратам погледот,
и најголемите поети ќе замолчат читајќи го за тебе сонетот,
а и да не ми дозволат ќе се изгубам само тебе да те пронајдам,
и штом тебе почнам да те бакнувам,
времето ќе запре,
слатко ќе полудам и никогаш нема да умрам.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.