Николас Спаркс е познат по своите љубовни приказни кои ги има претставено во своите книги, а подоцна и во филмови, чија гледаност се брои во милиони. Она што е препознатливо во овие филмови се љубовните сцени кои изобилуваат со силни емоции како копнежот, среќата и тагата и бакнежи на дожд. После гледање на некој од овие филмови, едноставно, не можеме да престанеме да мислиме на ликовите. Тоа е она што е најважно, впечатокот што овие филмови го оставаат врз нас.
Неколку од нив се филмски адаптации од неговите романи.
Низ филмовите се прикажани тешки животни приказни, кои најчесто завршуваат онака како што сме се надевале. Во листата на филмови според делата на Николас Спаркс, би ги издвоиле следните:
Страници за нашата љубов (The Notebook)
Невозможно е овој филм да не е на прво место. Не постои поромантична сцена од онаа во која мокриот Ноа и изјавува љубов на Алисон, која исто така кисне на дождот. Актерите од овој мегапопуларен филм од 2004г. остануваат запаметени како едни од најдобрите во последните десет години. Животната приказна на двајца млади кои се борат за својата љубов предизвикува солзи на лицето на секоја жена и никого не го остава рамнодушен.
Чекори за сеќавање (A Walk To Remember)
На почетокот се добива впечаток дека ова уште една тинејџерска приказна, но како што тече филмот се сфаќа тежината на љубовта меѓу двајцата млади на кои животот им спрема пресврти, а ниту тие самите не се свесни што се случува. Ова е еден од оние филмови кои ќе сакате да го гледате одново и одново за пак да не може да се помирите со она што се случува.
Порака во шише (A Message In A Bottle)
Првиот роман од Николас Спаркс по кој е снимен првиот филм е “Порака во шише“. Овој филм поставува високи стандарди кога се во прашање испреплетеноста, љубовта, романтиката, солзите и трагедиите. Кога новинарката Робин, сосема случајно, ќе пронајде порака во шише, не ни претпоставува дека таа порака ќе ѝ го смени животот. Допрена од емотивноста на непознатиот маж, започнува потрага по него. Ова е еден од оние филмови кои остава силен впечаток.
Драг Џон (Dear John)
Ова е филм за сите љубители на традиционалното допишување со писма и идеални ликови со убави животи. Допишувањето е на високо ниво, кога се во прашање писмата меѓу Џон и Савана. Таткото на Џон има аутизам, а Савана сака да отвори камп за аутистични деца. Сѐ е претерано емотивно, но на крајот може и да не ги разбуди очекуваните емоции кај вас.
Последната песна (The Last Song)
Проблематичната и бунтовна тинејџерка, која одморот го минува кај својот татко, се заљубува во локален дечко. После тоа настанува целосна љубовна приказна полна со падови и убави моменти. Во овој филм, хемијата меѓу главните ликови е вистинска затоа што во тоа време Мајли Сајрус и Лијам Хејсворд биле во врска.
Прибежиште (Safe Heaven)
Можеби најмелодраматичната приказна од Николас Спаркс е токму оваа. Кога Ерин бега од својот сопруг, насилник и свое засолниште наоѓа кај вдовецот Алекс. Не ни претпоставуваме дека овој филм би имал среќен крај. Доброто и злото се испреплетуваат до самиот крај и наместо да останеме во солзи, на крајот се случува токму спротивното.
Доколку сѐ уште не одлучивте што да правите оваа вечер, ви предлагаме да си изберете некој од филмовите направени според книгите на Николас Спаркс и заедно со топло какао да уживате во петочната ноќ.
Дали ги имате прочитано неговите дела и што ви се допаднало повеќе, книгата или нејзината екранизирана верзија?
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.