Во магливоста на земјата
со тесни видици,
со широки сокаци,
со затворени умови
и кучиња скитници.
Во светлината на денот
со темни прозори,
со светол поглед,
со јасни намери
и животна недоглед.
Во јачината на тишината
со тивки звуци,
со гласни крици,
со мелодични песни
и болни извици.
Во брзината на чекорите
со спор од,
со поглед кон небесен свод,
со чекор до успехот
и море кое го чека својот брод.
Во топлината на душата
со ладно срце,
со топол збор,
со чувство на мир
и љубовен виор.
Во немилосрдноста на злобникот
со мили лаги,
со горка вистина,
со забоден нож
и гнасна чистина.
Во јасноста на двосмисленоста
со матни мисли,
со јасни сплетки,
со збунети погледи
и нерасчистени сметки.
Во леснотијата на тешкото,
со тешки напори,
со лесни тежини,
со пот и труд
и проголтани капки крв аловини.
Во вистинитоста на тајната
со тајни скриени,
со вистинит сомнеж,
со лажен поглед
и чувства прикриени.
Во занесот на ритамот
со ритмичен допир,
со тромав танц,
со скршена нота
и детска леснота.
Во бистрината на дождот,
со јасен сјај,
со пеколен рај,
со рајски бескрај
и вака до крај.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.