Што најчесто правите пред да заспиете? Гледате во екранот на вашиот мобилен телефон или можеби гледате некој добар филм на телевизија или и едното и другото. Зошто не би заспале на поздрав начин? Заменете ги електричните уреди со добра книга со која добро ќе се стуткате во кревет, а покрај тоа ќе го развивате мозокот и ќе бидете поздрави и посреќни. Ние ќе издвоиме шест добри причини зошто пред спиење би требало да читате книга, вистинска книга, а не електронска.
1. Читањето го намалува стресот
Повеќето од нас речиси секој ден се под стрес. Најчеста причина за тоа е работата и забрзаното темпо на живот. Стресот може да предизвика ментални и физички проблеми, а знае да биде причина и за несоница. За да се ослободите од стресот потребно е да има активност која ќе го намали, а една од најдобрите активности за намалување на стресот е токму читањето книги. Читањето книги пред спиење смирува, опушта, го подобрува расположението и ни ги одмара мислите после напорниот ден.
2. Читањето ја подобрува меморијата
Мозокот е мускул, па затоа треба да се вежба. Ако на вешето помнење не му давате редовно задачи, голема е веројатноста дека со стареењето ќе имате повеќе проблеми со помнењето. Читањето не бара да слушате или да гледате подвижни слики, што е случај со телевизијата, но затоа ако сакате да го вежбате мозокот подобро да помни, читајте книга пред спиење.
3. Читањето ја подобрува концентрацијата
Најверојатно ви се случило додека читате да одлутате со мислите некаде и да размислувате за нешто друго. Откако сте ја завртиле наредната страница сфаќате дека воопшто не сте внимавале на она што сте го читале.
Значи за читање е потребно одредено ниво на концентрација со цел во целост да го разберете она што го читате. Колку што повеќе читате, вашата концентрација ќе се подобрува, дури и на други полиња.
4. Читањето може да го зголеми чувството на емпатија
Емоционалната интелегенција е клучна за развојот на здрави меѓучовечки односи, но многу луѓе забораваат да ја развиваат својата способност да чувствуваат. Развивањето на емпатија е полесно отколку што мислиме. Ако пред спиење читаме фантастика, најверојатно со тек на време подобро ќе ги разбирате емоциите на другите.
5. Читањето е поврзано со самодовербата
За време на читањето може да се сретнете со некој збор за првпат. За да сфатите што сакал писателот да каже ќе побарате некое објаснување за зборот кој првпат го среќавате. Ова е одличен начин за зголемување на вокабуларот, со кој ќе си ја зголемите и самодовербата. Во друштво и на работното место ќе се изразувате појасно и без потешкотии, па ова може да влијае и на вашате кариера.
6. Читањето успива
Дали некогаш правите мали подготовки пред да започнете со читање на некоја книга? На пример, си варите топол напиток пред спиење, го ставате близу до креветот, ја вклучувате светилката крај креветот, легнувате и… одеднаш се разбудувате наредното утро со отворената книга врз вас. Веројатно тоа често го доживувате? Но зошто? Затоа што читањето делува како хипноза.
За време на читањето ритмично ги движиме очите, телото е опуштено, а концентрацијата ни е насочена кон читањето. Во таа ситуација телото е пасивно, а будноста се намалува. Па, што планирате да прочитате вечерва? Ви препорачуваме некое лесно четиво за пред спиење затоа што потешко дело може да ве разбуди.
Прочитајте ги и причините поради кои литературата е важна за луѓето.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.