Ако целта на Мигел де Сервантес била да ги исмее лажните и неубави витешки романи, кои се разликувале толку многу од вистината и во тоа бил толку многу успешен што засекогаш ја убил витешката книжевност, целта на овој напис ќе ја откриете читајќи го. Се разбира, ние не сакаме никого да убиеме.
Кој бил Дон Кихот?
Постојаното читање на витешки романи го избезумило Дон Кихот. Toj си замислил дека е витез и тргнал во бессмислен поход. Обиколувајќи ги градовите и селата, тој насекаде гледа витези, војски, волшебници и џинови. Иронијата да е поголема, неговиот слуга, Санчо Панса, странува негов верен придружник, односно штитоносец. За прва дама ја прогласува селанката Дулчинеја.
Тој не ги забележува фактите кои не одговараат на неговите илузии и не сака да знае за нив. Го цени животот само ако му пружи материјал за остварување на своите идеали. Тоа е првата одлика на овој “витез“. Втората негова одлика е тоа што е неразумен. Тој постојано се судира со стварноста. Среќен е и никакви факти не може да го наведат да го смени својот начин на живот и себе си се смета за независен.
Основна, а можеби и единствена разлика меѓу денешните луѓе и Дон Кихот е тоа што тој живее во свој свет и сам си ги одредува правилата.
Зошто сите ние сме Дон Кихот?
Гледајќи ги искривените гранки на дрвата, ние забораваме да ја видиме цела шума. Не е лесно да се живее во овој денешен свет, особено не е лесно затоа што секој ден пред очи ни се сервираат “совршени“ нешта. На телевизија, на интернет, на сите социјални мрежи, во секој разговор со пријателите. Опколени сме со “совршените“ тела на илјадници жени, кои на девојките им се сервираат секојдневно на социјалните мрежи. Не е ни чудно што илјадници млади жени немаат самодоверба и се борат со анксиозност и депресија. Да не ги заборавиме и мускулестите мажи кои строго забрануваат грам масно ткиво на телото на било кое момче.
Никако не смеат да се изостават и секогаш добро скоцканите луѓе. Тие отвораат очи и на себе носат свилени ноќници или пижами. Лицето не им е истуткано од лежењето на перницата, а топлото кафе само се сварило и ги чека на совршено поставена маса со свежо цвеќе. Како под сите тие реклами, фотографии и објави да стои “Погледни колку е убав мојот живот, ајде покажи ми каков живот имаш ти!“.
Одеднаш како да им забранивме на луѓето да мечтаат да станат водоводџии, бравари, тапанџии, продавачки или едноставно да бидат домаќинки и да се грижат за домот. Не, сите мора да сонуваат за убава кариера. Претприемач, мотивациски говорник, менаџер на бизнис, заборавајќи дека за да се стане претприемач ни е потребен нов, уникатен производ или еден куфер полн со животни маки за да бидеме мотивациски говорници.
Од премногу гледање за тоа каков живот треба да живееме и ние станавме Дон Кихот. И секој ден се бориме со предизвиците и со себе заборајвајќи дека треба да погледнеме малку подалеку од огледалото и да си ја видиме внатрешноста. Не, не мора да бидиме како луѓето кои имаат 345К следачи.
Океј е ако косата ти е бушава кога ќе се разбудиш од спиење. Океј е ако наместо чиа пудинг појадуваш топол ѓеврек со јогурт. Океј е ако си излегол по тренерки. Океј е ако имаш мозолче на носот. Океј е ако трепките не ти се долги. (Скоро сите долги трепки се вештачки). Океј е ако немаш стомачни мускули. Океј е ако имаш стрии на градите. Океј е ако градите ти се асиметрични. Океј е ако имаш целулит на задникот. Океј е, ако наместо да отидеш на најголемата забава во градот, ти избираш да гледаш филм со својот миленик.
Сè е океј додека знаеш дека вистинските нешта и вистинската магија се случува внатре во тебе, а не во скапиот часовник кој го носиш на раката.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.