Земи дел од песнава и смести ја во твојата.
Како некоординирани нишалки
нека го истакнат својот агол на блесаво движење.
Земи еден збор и додади го на твојот,
во онај дел кој најмногу те прогонува,
во бегство.
Заврти го листот од другата страна.
На едната страна твојата песна,
на другата мојата.
Прочитај два стиха од твојата,
па од мојата.
Па така до крај.
Запиши ги на ѕидот на плачот,
на поклонение кога ќе одиш.
Клекни и побарај прошка за мене.
Зошто пожива си во мене,
отколку во себе.
Но не пали свеќа,
ниту молитва да изустиш во мисла.
Зошто пак ќе згрешам.
Да се воздржам нема да можам,
ќе се вртам како во кружен тек,
неограничено,
без старт и крај.
На крај,
напиши ѝ наслов на нашата песна,
таа, од твојата и мојата,
нека гласи:
“Пожива си во мене, отколку во себе”.
Потпиши се и за мене.
Зошто пак ќе згрешам.
Да се воздржам нема да можам.
Потпиши се,
со перото на нашата песна,
на ѕидот на плачот,
кога ќе бараш прошка,
за трошка љубов,
кон себе.
Земи дел од песнава и смести ја во твојата.
Ќе ѝ годи…
Виктор Кадинец