Седам на тераса и го пијам првото утринско кафе засладено, а пак ми е горко како воопшто да не сум ставила шеќер. Горка ми е самата помисла дека уште една ѕвезда ќе свети на небото и ќе нѐ гледа од горе наместо да ужива во овоземските убавини. Уште погорчлива е и помислата дека оваа ѕвезда на земјата остави две ѕвездички. Тие ќе трепкаат со надеж дека еден ден таа некогаш ќе се врати. Лето е, а надвор ладно како да е доцна есен.
Ладно им е и во душите на оние кои сега ја испраќаат, а никогаш не си помислиле дека толку рано ќе се опростат од најмилото. Се случуваат неочекувани и болни работи секојдневно. Ништо не боли повеќе од загуба. Никој не знае кога му е последниот ден на Земјата. Никој не очекува дека ќе ја напушти толку рано.
Кога некој ќе замине од овој свет не можеме ништо да направиме за да го вратиме. Проклето би сакале да можевме! Ниту река од солзи нема да го вратат оној што заминал, а тешко на тие кои останале без него. Вечна им слава на сите чиишто ѕвезди згаснале. Да се помолиме за нивните души и да се надеваме дека ќе го најдат спокојот и на другиот свет.
Помислата дека заминале на помирно место во вечно почивалиште треба да ги смири сите оние кои патат по нив и се скршени од болка! Знам, не постои ништо доволно силно што може да ги утеши, но животот продолжува понатаму сакале или не. Мора да го прифатиме фактот што со некои луѓе се опростуваме прерано, а не би требало да е така.
Тие што остануваат мора да бидат доволни силни за да пребродат бури и урагани од емоции, зошто во спротивно ќе се удават. А, никој не сака да потоне. Колку и да ти е тешко ти се бориш за трошка воздух, за да преживееш. За да се спасиш и препливааш затоа што не сакаш да бидеш губитник. Губитник си кога се предаваш и не се бориш, а тебе не ти е пишано така!
Викаат од судбината не се бегало, па некогаш за да ти е полесно ќе си речеш дека мораш да ја прифатиш. Потоа продолжуваш понатаму за да видиш што друго ќе ти сервира. За да дознаеш што било „запишано“.
Викаат дека сами сме креатори на својата судбина, но не сум сигурна дали додека ја пишуваме во некои моменти некој друг го држи перото.
Во моментов само ќе речам дека небото се збогати со уште една ѕвезда. Таа несомнено страшно ќе фали на Земјата, но ќе го краси небесниот свет.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.