Skip to content

Очи – Мартина Јакимовска

  • by

Со погледот ме милуваше,

како да ме допираш,

чинам по тело свое цело,

и косата ко поулавена ми се бушавеше,

ко ветер во неа да ми удираше

од исток и запад,

до север и југ,

та ми ја расфрла на страна секоја.

И секогаш како првпат

да ми беше,

како првпат,

а кознае секојпат кој во низа беше.

Со зборови твои

мечти си сплетов,

та ги носам и денес

ко плетенка в коса милувана,

а некогаш толку поулавена,

денес само една трупа,

на глава моја останала.

Брзав секогаш

при средба со тебе,

небаре некој пат чинев

ко од магла и ветер да се спуштам,

само во тој свет да се втурнам,

што око твое најубаво го имаше.

Гледав секогаш некоја железница огромна,

што ги спојуваше сите нешта,

што и за неспојување беа,

ко сложувалка со делови свои изгубени.

Возови што никогаш не задоцнуваа никаде,

брзаа да минат низ мостови,

падини и удолнини,

секогаш на време,

утре да не се урне мостот,

низ падината трње да не останат само,

та да ја снема сета убавина,

удолнина да не стане езеро преку ноќ

од дождови поројни.

Конци имаше,

во секоја боја,

и секој беше заврзан

од око твое,

до поглед мој,

од твоја љубов,

до мое срце.

И блажено беше

што задоцнував секаде,

само во погледот твој

да стигнам,

возот да не ми избега,

конец некој да не ми пукне ко час доцен,

та да не ми се скине.

Искри летеа

од сето она неспоивото

коешто споено беше,

та оган и вода видов,

та ангел и ѓавол каде се вљубуваат,

та небото се спушташе на земјата

и замисли се израмнуваа.

И се удирав од своја немоќ

во нив

кога не можев

да му покажам

на светот

каква перцепција

гледам

во нив.

Себеси со

поулавена жилавост

се гледав,

небаре срна сум,

спремна за секој

нареден ден,

спремна за потскок,

спремна за жилавост

до небо.

И, како Боже

можев

сето тоа

да го гледам,

додека в око негово

гледам?

Мартина Јакимовска

Напишете коментар