Првите честитки за Нова година и Божиќ се појавиле во Англија со цел да се охрабрат обичните луѓе повеќе да ги користат поштенските услуги, кои тогаш биле во зачеток. Честитките имале шарена слика во средината на која била прикажано среќно семејство кое ужива во раскошна трпеза. Текстот на честитките бил едноставен и јасен, а најчесто се користи и денес: „Среќни новогодишни и божиќни празници…“.
Првата честитка
Првата честитка е направена во дамнешната 1843 година, по мотивите на Џон Колкот Хосиј, а ги дистрибуирал Хенри Кол. Класичната продажба на новогодишните честитки почнала неколку години подоцна. Тиражот на првата честитка бил околу 1.000 парчиња, а денес се зачувани само 12.
Честитки за обичните луѓе
Праќањето честитки за празниците за кратко време станало вообичаено, а нивното испраќање коштало 1 пени. „Пени Пост“, со појавата на желизницата, овозможил да се праќа поголема количина на пратки на далечни места и побрзо, од вообичаеното праќање по поштенски кочии кое се практикувало до тогаш. Всушност, поштата понудила преполување на цените за достава, ако честитката се испраќа од лично име и без печат.
Активно, новогодишните честитки започнуваат да се печатат во 1870 година, а цената им се преполовила и достигнала половина пени. Честитките биле испраќани од обичните луѓе во Велика Британија сè почесто.
Во САД до идејата за новогодишни и божиќни честитки дошле многу порано. Но таму честитките биле премногу скапи, а со тоа не им биле достапни на голем број на луѓе. Веќе во 1875 година, масовното печатење и намалената цена ги направило новогодишните честитки популарни во САД. Истовремено им биле достапни на сите.
Празничите мотиви низ времето
Новогодишните честитки се праќаат како проздрав на блиските луѓе со желби за среќни празници и добро здравје во наредната година. Низ времето, честитките го менувале изгледот. На нив најчесто е прикажана елка, снег, зелена шума, Дедо Мраз, санка, ирваси и сл.
Во последно време стануваат популарни персонализираните честитки, каде пораката со убави желби се става на самата слика од честитката. Поталентираните често прават рачно изработени честитки, кои се уникатни и се совршен подарок за најмилите.
За жал, денес праќањето на новогодишни честитки е традиција која полека изумира. Сетете се кога последен пат му испративте честитка некому? Дали би сакале оваа година да го сторите тоа?
Прочитајте неколку занимливости за Нова година.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.