Томаж Шаламун (словенечки: Tomaž Šalamun ),(Загреб, 4 јули 1941 – Љубљана, 27 декември 2014) е словенечки писател.
Поезија почнал да објавува во Перспективи списание за литература од 1963 година.
Во 1993 година го вбројуваат во словенечките литературни класици, по објавувањето на неговата реномирана збирка избрани песни Кондор. Околу 30 негови книги се преведени на 18 јазици.
Во 2009 година станува лауреат на книжевната награда Златен венец на Струшките вечери на поезијата.
Да се чита: да се љуби
Кога те читам, пливам. Како мече со своите шепи
ме поттурнуваш во блаженство. Лежиш врз мене,
ти кој ме разори. Смртно те возљубив, прв меѓу родените.
Во само еден миг станав твој ѓурѓовденски оган.
Безбеден сум како никогаш. Ти си конечното
чувство на задоволството: да се знае потеклото на копнежот.
Во тебе сум како во мек гроб. Ги сечеш и разгоруваш
сите слоеви. Времето пламнува и исчезнува, слушам химни
кога те гледам. Строг си, стварен, многу бараш. И не можам
да зборувам. Знам дека копнеам по тебе, тврдо сиво
железо. За еден твој допир давам сè. Гледај, доцното сонце
удира од ѕидовите на дворот во Урбино. Умрев по тебе.
Те чувствувам, ми требаш. Ме мачиш. Ме растргнуваш и спалуваш
во секое време. А во просторите што си ги уништил тече рајот.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.