Не ми ги мати прозорците,
имам убав поглед,
дождот кој ми го збогатува видикот,
сакам заедно да го слушаме
како паѓа.
Со нечисти мисли збогувај се,
низ мојот прозор се гледа
само со бистар ум
чисто срце
и храбар став.
Не ми ги мати прозорците,
нека останат чисти,
низ нив се гледам себеси
сакам да можам и тебе да те видам
таму, до мене.
Со нечисти мисли збогувај се,
зошто чиста душа тешко се валка,
а таа сонува најмногу,
огромни соништа
кои ги исполнува.
Не ми ги мати прозорците,
сакам поубаво да видам,
да ги впијам боите на денот
и да го запомнам секој детаљ
за да ти го раскажувам.
Со нечисти мисли збогувај се,
моите сништа прегрни ги,
а ако не можеш да ги сонуваш со мене,
не ми го мати видикот,
не можеме да гледаме низ ист прозор.
Не ми ги мати прозорците
ако не ми помогнеш да ги исчистиме,
не ми ги мати прозорците
ако не сакаш заедно да гледаме низ нив,
тие ми се полни сништа.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.