Skip to content

Лишени од љубов – Софија Величковска

  • by

Скулптура на неизмерна среќа,

восочни капки од

парфемирани сјајни небулози..

Пукнатини, струења, врисоци..

Траги од солзи,

трага од крвава лошотија,

неповрат, бездна,

суров компромис,

ние луѓето сме лишени од љубов.

Онаму оние не знаат што е тоа,

а го касапат срцето..

Вчера имаше љубов,

Завчера немаше,

се надевам утре ќе има,

зашто денес немаше..

И така со цела таа осцилација

ние талкаме, чекориме, плукаме,

се љубиме, пиеме,

понекогаш и пцовки излетуваат,

живееме, плачеме,

молиме,

не молат,

луѓе сме,

луѓе лишени од љубов,

шетаме, сами, тажни,

јас денес не видов

некој да се смее,

се дур мислат дека си луд

ако имаш насмевка додека чекориш сам,

сè дотогаш ние ќе сме лишени од љубов..

И не само од љубов,

лишени ќе сме и од среќа,

лишени од прекрасните тајни на пијаната вечер,

лишени ќе сме од сознание дека

не се смеат само лудите,

дека се смеат  и најсреќните,

се смеат и вљубените,

се смеат и тажните,

се смеат, да,

само за да ја покријат

таа болна вистина за нивното

хаотично творештво

кое се создава во длабочината

на таа невина душа,

на случајните мигови,

не сакаме да им веруваме,

а тие се дефиниција

за оние прекрасни дворци

кои можат да се изградат за брзо време,

но..секако и да згаснат за брзо време,

тие се дефиниција и за оној адреналин

кој се создава во крвта наша,

оти такви мигови никогаш не избледуваат,

тие ни се белег за век и навек,

а ние, сепак, тврдоглаво бегаме од тој убав немир,

бегаме од букети со прекрасни булки,

а в прегратка ги земаме оние гнасни, исушени

и безвредни цветови..

Човекот е таков,

роден е да прави се обратно од убавото,

роден е упорно да не ја научи дефиницијата за љубов,

роден е да биде лишен од љубов,

зашто тој сака така,

роден е да биде заложник на дива шума,

лишен е од убавината на морските бранови

и љубовните сласти од кои крвта ни врие,

лишен е од прекрасната самовила која во дамнешно време

насекаде фрлаше љубовна прашина!

Софија Величковска

Напишете коментар