Skip to content

Новогодишни желби – Ненад Џамбазов

Го прашале зајко
натуштен и гладен,
какви желби има
кога цела роднина
слави нова година.

Снегот да се претвори
во моркови, зелка
да можам и в зима
храна да си имам.

А ти, кумчо волчо
ајде, што ќе речеш,
кога мразот стегнал
и северко сече.

Сакам да сум овчар
на некое стадо,
тогаш ќе сум весел
како момче младо.

Јагненцата мали
со цуца ќе ги хранам,
од дивите ѕверки
ќе ги чувам, бранам.

А ти, кума лиске
какви желби имаш,
дали сакаш петли
на гости да примаш?

Кокошки и петли,
мисирки и патки,
за мене се сите
и вкусни и слатки.

Сите нив ги сакам,
ви кажувам сама,
ќе се грижам за нив,
ќе им бидам мама.

Ајде дедо медо,
тебе ти е редот,
за мечиња свои
каква мисла ти се рои?

Снегулките сакам
да се пчели вредни,
да ми месат в зима
колачиња медни.

По елки и борови
крушите да зреат,
мечињата мои
од радост ќе пеат.

Какви желби ешко
в глава ти се кројат,
во гората кога
снегулки се ројат.

Ешко вака рече:

– Секаде во светот
па и овде кј нас
вечно да е лето.

На луѓето тогаш
радост ќе им носам,
змиите-отровници
вечно ќе ги косам.

Верверичке-катеричке
какви желби носиш,
кога мразот стега
и ветерот коси.

Лешници, оревчиња
цел амбар да имам,
ќе скокам и пеам
па нека е зима!

Желбите на сите
се различни, нели,
но в гора се пластат
снегулките бели.

Збирка „Со децата поубав е светот“.

Напишете коментар