Да те допрам и ја сетам твојата острина. Структурата на твојата тврдина.
Сега сум на дното. Погледот ми е насочен кон врвот.
Рацете ми треперат од умор. Додека умот не се откажува.
Ќе ги заријам црниве нокти, нека станат поцрни.
Нека ги снема ако треба. Ќе пораснат нови и тогаш рацеве,
ќе ми останат чисти. Ќе ја надминам оваа висина.
Ползам по калта, а над мене бел песок, чистина.
Мислам дека поминав сè. Се протнав низ многу дупки.
Препливав многу бури и пак сум неискусен пливач.
Ја искинав мојата облека. Сега не личам на човек.
Но, човек сум. Сакам да останам и тоа ќе бидам.
Многу прашина ми ги засенуваше мислите.
Невремиња ми виеја низ градиве.
Како низ призма отиде сè во недоглед.
Ете, пак тмурно е.
И ова ќе помине. Сонцето кога тогаш ќе изгрее.
Не знам колку ќе ми треба, дали година или две.
Колку и да е, јас ќе продолжам да бидам човек.
Ако не на јаве, барем на сон,
Ќе го допрам врвот.
Добрата мисла ослободува а одлучноста победува.
Магдалена Јованова