Откако паметам, секој Бадник мојот татко ја раскажуваше приказната за еден дамнешен Бадник, кога тие биле деца. И секогаш, дури и сега, кога веќе сум баба насмевката од таа случка ми стои на моето лице. Во тоа далечно време, кога мојот покоен татко бил дете, старите адети многу се почитувале и секогаш се внимавало христијанската традицијата да се одржува и задржува. Тие биле фамилија, во која татковиот збор се почитувал без никакво убедување. Доволно било само неговиот строг поглед и сите да замолчат, без да се противат или докажуваат. Биле пет деца, татко ми и четири сестри. Неговиот татко, мојот дедо бил кожар.
Во тоа време се знаело кои се годишните времиња, кога врне снег, кога цутат цвеќињата, кога е лето или есен.
Бадник и Божик како најголеми христијански празници, во кои се слави Христовото раѓање, се дочекувале во кругот на фамилијата. За Бадник се месело лепче, во кое се клавало паричка, посно гравче, се варел ошав( компот) од црни сливи, се месела сарлија (тоа е слатка пита со ореви и шербет ), посна сарма од кисела зелка со ореви, печена тиква, ореви, варени костени итн…. До ден денешен овие обичаи опстоиле и на истиот начин се слават овие големи празници.
Пред да седнат сите на софрата да вечераат, се одвојувало во една чинија од сè што имало за јадење и децата ќе излезеле надвор и ќе речеле три пати: “Дедо Божик, ајде да вечераме, Дедо Божик, ајде да вечераме, Дедо Божик, ајде да вечераме “. Таа бадникова вечер, таткото задоцнил. Бил појден во соседниот град да продава кожа, се надевал дека ќе заработи нешто, за празникот да биде побогат. Надвор врнело снег, цел ден врнело. Баба ми била загрижена, децата нестрпливи да почнат да јадат, сè почесто погледнувале кон вратата или ѕиркале низ пенџерчето.
Во еден момент, таа ја наполнила чинијата и им ја дала на децата, да излезат надвор и да го направат адетот, да го повикаат дедо Боже да дојде да вечера со нив..
Децата излегле на чардакот и почнале да викаат: “Дедо Божик, ајде да вечераме, Дедо Божик, ајде да вечерамеееее“. “ Идам, идам“ – одекнал длабокиот глас на таткото од дворот…Децата почнале да викаат, се исплашиле, чинијата им паднала од рацете. Возбудени од гласот, се втурнале во собата, почнале сите да зборуваат во еден глас…И…молк… На чардакот се слушнале тешки чекори, некој чукнал на вратата. Во собата влегол дедо ми, целиот покриен со снег. Децата почнале да викаат од страв, но кога виделе дека тоа е нивниот татко, почнале да плачат од среќа.
Седнале сите заедно да вечераат, сега среќни што се сите на број, се смееле сите заедно на случката, кажувајќи кој бил најмногу исплашен. Долги години оваа приказна, како бајка стана и се пренесуваше низ генерациите кои растеа. Ете така тој Бадник и Божик мојот татко и неговите сестри долго ќе го паметат. Секоја година на Бадник татко ми одново и одново ни ја раскажуваше приказната за дедо Божик и вечерата. И јас им ја раскажував на моите деца кога беа мали, сега на моите внуци дури се мали, на вам драги мои дечиња што ќе го читате ова.
Да паметите, да ја почитувате и да ја продолжувате традицијата на нашите христијански празници. Оти верата кон Бога го одржала нашиот народ низ вековите. Така и да биде дури постои светот и луѓето во него. Амин.
Снежана Паноска