Skip to content

Поетот и Рокселана – Анастасија Лефкоска

Приказна стара,
за поетот и Рокселана.

Ја сакаше.
Ја сакаше од мигот кога зачекори во нивните бели дворови.
Го довлечкаа ко дете таму преостанатите му роднини,
алчни ѓаволи,
браќа и сестри на неговите родители,
ја сакаше од мигот кога ја здогледа, а не знаеше дека таквите ко него на таквите ко неа им беа робови.
Рокселана,
името нејзино му беше во вените запишано и ниедна друга неа не му пркосеше, ни приближно.

Пораснаа заедно,
Рокселана, сурова русокоса,
очите сино – зелени ѝ светкаа,
поетот бушава будала,
кафените очи само неа ја гледаа.

Ѝ ги диплеше прекривките,
ги полираше нејзините огледала,
сакаше неговата сакана штом се погледне да сфати дека е најубава.

Често ѝ пишуваше,
менуваше бради и фризури,
едно сонуваше, друго зборуваше,
ушите по други му беа глуви,
очите слепи,
срцето инаетливо не сакаше на ничиј допир освен на нејзиниот да се растрепери.

А Рокселана, ќерка на трговецот, секогаш студена, секогаш сокриена под превезот на нејзината чудна тишина.
Не ни го погледнуваше,
темјанушките на белиот балкон цел живот ги полеваше и потпевнуваше чудни песни старогрчки
и штом силната зора зазори бегаше под сенката лицето бело да не ѝ поцрвени.
Рокселана беше таква,
ја красеа одвнатре многу светови,
иако со сите зборлива, со поетот зборовите ко да ѝ беа со клешти влечени.

Можеби сиромаштијата ѝ сметаше,
можеби ставата малку подгрбавена,
Рокселана, сепак, навикната беше цел живот да оди гордо исправена.
Да поседува сѐ,
дури и цветот што таа ќе го допре,
Рокселана знаеше дека нема никогаш да овене.

Ја бараа многу,
ја сонуваа уште повеќе,
знаеја дека само ако се насмевне животот со златото нејзино ќе им биде совршен,
а Рокселана се смееше ама не од љубов туку инаетливо.
и го фрлаше во реката секој нов веренички прстен,
пет лета и пет зими Рокселана под Сонце флертуваше и го оставаше под Месечина поетот скршен.
Никој па, ни нејзините не знаеја што ѝ е навистина во душата,
кога поетот замина, излезе сѐ на виделина.
Рокселана падна в постела, не беше веќе инаетлива туку, очајна,
болна од љубовта што цел живот во себе ја криеше и мислеше дека е погрешна.

Бесна беше на себе.
А поетот побегна, замина да го бара гробот на музата десетта,
зошто своите кај своите одат кога нема каде,
го одведе патот на мал остров во Стара Грција,
знаеше дека на вечното почивалиште на музата ќе го најде одговорот на сите свои прашања.
Знаеше дека или ќе издржи, или во душата ко и музата во годината петсто и  седумдеста, ќе му умре љубовта.

Рокселана ни месец не издржа,
од името сопствено се откажа, украде брод и тргна кон Стара Грција.
Рокселана беше првата жена од тоа место на брод запишана.
Го најде нејзиниот поет на малиот остров,
не беше веќе сурова, студена,
застана пред него не како ќерка на трговец туку, како обична девојка.

По долги години, му ја кажа вистината.
Му призна дека ѝ е при срце секоја песна запишана, секој стих, секој поетски воздив.
Рокселана падна во името на љубовта пред гробот на музата на колена,
од неа побара благослов и побара да ги венча, само така можеа.
Морето во знак на одобрување под месечина блесна.

Рокселана и поетот се качија, со бродот в далечина отповија,
в шума колиба изградија,
цел живот нежно се сакаа,
ниту еден ден не се одвоија и никогаш на музата не ѝ заборавија.
Поетот цел живот ѝ пишуваше,
Рокселана пред спиење песните ги бакнуваше.
Прегрнати се будеа со вејот на врбата,
имаа среќа да е вистинска љубовта прва.

Приказна стара,
за поетот и Рокселана.

Од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар