Skip to content

Разговор помеѓу сонот и јавето

reality_vs_dream_by_

Јавето: Ох, колку сакам кога поради мене луѓето не можат да заспијат затоа што сум им поубаво од тебе!
Сонот: Не заборавај дека некогаш едвај чекаат да потонат во мене за да заборават на тебе барем неколку часа.
Јавето: И што, тоа не те прави поубав од мене.
Сонот: Не се ни трудам да бидам поубав.
Јавето: Знаеш, кога сум јас во прашање, луѓето се постојано активни и работат на остварување на своите цели.
Сонот: Но, тоа не ги спречува да сонуваат ноќе!
Јавето: Во право си, но ти не им дозволуваш да те запомнат целосно, после будењето тие забораваат едно 90% од тебе.
Сонот: Во тоа е и убавината. Ако сум бил лош, поубаво да не се сеќаваат, нема да се загрижени.
Јавето: Мислиш дека сите се обидуваат да те толкуваат?
Сонот: Не, но оние кои сакаат да проникнат во себе и што сакаат да откријат што им порачува потсвеста, дури и ме запишуваат за подоцна да ме анализираат.
Јавето: Тоа го прават благодарение на мене, да те потсетам.
Сонот: Јас им давам причина да се запознаат подобро.
Јавето: Затоа и сме како денот и ноќта. Ти си ноќ, јас сум ден. Спротивни, но еден без друг не можеме.
Сонот: Ти можеш без мене, но тогаш животот нема да е колоритен.
Јавето: Уште во праисторијата луѓето се обидувале да те протолкуваат, не се може без тебе!
Сонот: Отсекогаш сме постоеле заедно. Иако јас сум многу помистериозен и помалку проучуван од тебе.
Јавето: Тоа е така затоа што ти си дел од психата на луѓето. А, јас сум дел од целокупниот физички и психички свет на едно битие, ако можам вака да се опишам.
Сонот: Што значи дека ти си изложен и на визуелно посматрање, а мене никој ни може да ме види, ниту допре како реален објект затоа што се создавам во внатрешноста.
Јавето: Токму така. Само што јас сум некаква смеса од апстрактност и конкретност. Мораш да ме доживееш и внатрешно и надворешно за да знаеш дека ти се случувам.
Сонот: За разлика од мене, кога им се случувам некогаш ме мешаат со тебе.
Јавето: А, некогаш страшно посакуваат да им се случев место ти, јасно ми е.
Сонот: Да, како и обратно, сакаат ти да бидам јас, посебно кога си толку болно и неиздржливо тогаш силно посакуваат да бидам јас.
Јавето: Сепак, ќе се трудам да не сакаат да заспијат од што ќе им бидам убаво.

Напишете коментар